Канадскиот премиер Марк Карни јавно му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека „Канада живее поради САД“. Карни нагласи дека Канада напредува благодарение на своите, канадски вредности и на сопствениот пат кон развој.
Карни го направи ова по својот говор на Светскиот економски форум во Давос, каде остро ја критикуваше принудата на големите сили врз помалите земји, без директно спомнување на Трамп.
„Канада не живее поради САД. Канада напредува затоа што сме Канаѓани“, истакна Карни. Тој додаде дека и покрај исклучителното партнерство меѓу Канада и САД во економијата, безбедноста и културната размена, Канада останува господар во својот дом и носи сопствени одлуки за иднината.
По неговиот говор, Трамп ја повлече поканата до Канада да се приклучи на својот „Обор за мир“, кој треба да ја надгледува прекината на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас. Трамп, исто така, повторно го спомена сценариото да ја направи Канада 51-та американска држава и објави изменета мапа на САД која вклучува Канадa, Гренланд, Венецуела и Куба.
Карни во својот говор нагласи дека канадските вредности се клучни за зачувување на суверенитетот. „Канада мора да биде светилник – пример за светот. Можеме да покажеме дека постои друг пат, пат на напредок и правда“, рече тој.
Тој додаде дека во време на растечки популизам и етнички национализам, Канада покажува дека разновидноста е сила, а не слабост. „Нашето општество нуди заеднички просперитет и демократија што ги штити ранливите од моќните. Ова е земја за секого, без разлика на богатство, боја на кожа или вера“, истакна Карни.
Говорот предизвика реакции и во САД. Американскиот министер за трговија Ховард Лутник се пожали на говорот, додека гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом изрази поддршка и нагласи дека Карни покажал храброст и визија за демократијата и соработката меѓу земјите.
