Канадскиот премиер до Трамп: „Канада никогаш нема да биде на продажба“

Новиот премиер на Канада, Марк Карни, при првата официјална средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, изјави дека неговата земја „никогаш нема да биде на продажба“.

И покрај пријателскиот тон на средбата, атмосферата беше напната, пишува BBC, особено поради коментарите на Трамп за можноста САД да ја анектираат Канада, што тој го нарече „прекрасен брак“. На тоа Карни одговори недвосмислено: „Канада никогаш нема да биде на продажба“. Трамп кратко реплицираше: „Никогаш не вели никогаш“.

Оваа прва средба доаѓа по победата на Карни и неговата Либерална партија на неодамнешните избори. Иако се залага за трговски договор со САД, Карни внимателно се движи помеѓу отпорот кон американските закани и потребата од компромис.

Трамп веќе воведе царини на канадскиот челик и алуминиум, а се заканува со дополнителни 25% царини. Тој изјави: „Канада треба самата да се снаоѓа економски. Нема зошто ние да ја субвенционираме.“

Карни, поранешен гувернер на Централната банка, подвлече дека ќе се залага за фер трговски договор, колку и да трае процесот.

Иако разликите околу царините и суверенитетот се очигледни, канадската делегација беше задоволна што избегнаа отворен конфликт, каков што се случи при посетата на украинскиот претседател.

Карактерот на новиот премиер – умерен, рационален и внимателен – е во остар контраст со темпераментот на Трамп и претходникот Трудо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни