Канада воведе царина од 25% на увоз на одредени возила и автоделови од САД, како одговор на истите такви американски мерки. Станува збор за царини што ќе ги плаќаат канадските потрошувачи при купувањето на одредени возила или нивни делови од САД.
Канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ потврди дека мерките стапуваат на сила веднаш по полноќ во среда, испраќајќи порака дека Канада возвраќа на „неоправданите“ американски царини.
Американскиот претседател Доналд Трамп, по враќањето на власт, започна со бран нови царински давачки, како општи, така и целни, насочени кон главните трговски партнери како Канада. Тој тврди дека со тоа се обидува да ги исправи неправдите во светската трговија.
Канада не беше директно погодена со последниот круг на американски царини, кои исто така стапија на сила по полноќ, но веќе долго време има спор со Вашингтон заради постарите Трампови мерки што вклучуваат даноци на бројни производи кои ја преминуваат границата.
„Ќе ги заштитиме нашите работници, нашите компании и нашата економија“, напиша Шампањ на платформата X, потврдувајќи дека Отава започнува со протумерки.
Според упатствата на канадската влада, увозниците ќе мораат да плаќаат царина од 25% на: потполно составени возила од САД што не ги исполнуваат условите од договорот за слободна трговија CUSMA (канадска верзија на USMCA), потоа на содржина на возила (на пример, делови) што не потекнуваат од Канада или Мексико, а се вградуваат во возило составено во САД, дури и ако таквото возило ги исполнува правилата на CUSMA.
Мерките доаѓаат во момент кога канадскиот премиер Марк Карни се наоѓа во средина на изборната кампања, а еден од неговите клучни предизборни потези е решителен одговор на трговската политика на Доналд Трамп. Напнатоста дополнително ја зголемија Трамповите неодамнешни изјави дека би „презел Канада“, што предизвика жестоки реакции во јавноста и меѓу политичарите.