Во својот говор на Универзитетот во Торонто во понеделникот, Карни изјави дека оваа акција е неопходна за справување со „сѐ поумножените“ закани од непријателски влади, терористички групи и сајбер криминалци.
Тој призна дека Канада е „премногу зависна“ од Соединетите Американски Држави во областа на одбраната, предупредувајќи дека Вашингтон „го намалува својот релативен придонес за нашата колективна безбедност“.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пак, се залага за нова цел – зголемување на одбранбените трошоци до 3,5% од БДП, за што ќе се разговара на самитот подоцна овој месец.
Карни изјави дека светот се наоѓа во „историски пресврт“, споредлив со периодот по крајот на Втората светска војна. Потенцираше дека Канада мора да реагира во услови на се поагресивни политики од страна на Русија и Кина, како и зголемени безбедносни закани на Арктикот.
Тој, исто така, го обвини Вашингтон дека се обидува да ја „монетизира својата хегемонија“ преку поскапување на пристапот до американскиот пазар.
Во 2024 година, Канада издвојувала 1,4% од својот БДП за одбрана. Бруто домашниот производ (БДП) претставува мерка за севкупната економска активност во една земја.
За време на изборната кампања порано годинава, Карни вети дека целта од 2% ќе биде достигната до 2030 година – наспроти претходната влада на Џастин Трудо, која ја постави за 2032 година. Но, во понеделникот, Карни најави дека Канада ќе ја исполни целта веќе до март 2026 година.
Премиерот предупреди дека воената опрема на Канада е застарена и дека тоа ја намалува оперативната способност на армијата. Според него, само една од четирите подморници е во функција, а помалку од половина од бродовите и копнените возила се во исправна состојба.
Карни ја претстави новата стратегија составена од четири столба:
- Зголемени инвестиции во војската и опремата,
- Проширување на воените капацитети,
- Јакнење на домашната одбранбена индустрија,
- Диверзификација на одбранбените партнерства на Канада.
„Ова е време кога средните сили мора да дејствуваат, знаејќи дека ако не се на масата, тогаш се на менито“, изјави тој.
Најавата доаѓа непосредно пред Канада да биде домаќин на Самитот на Г7, кој ќе се одржи од 15 до 17 јуни.
Во разговор со новинарите, Карни објави дека новиот план предвидува дополнителни 9,3 милијарди канадски долари (6,5 милијарди американски долари) за оваа фискална година, што би ја донело Канада до прагот на НАТО. Дел од средствата ќе се насочат веднаш кон персонал и нова опрема.
Инвестициите ќе вклучуваат набавка на нови подморници, авиони, бродови, оклопни возила, артилерија, како и нови беспилотни летала и сензори за следење активности на Арктикот и морското дно.
Премиерот најави и формирање на нова агенција за одбранбени набавки, поради долгогодишна критика дека актуелниот систем е бавен и неефикасен. Новата агенција ќе има задача да донесува побрзи и поефикасни одлуки, со фокус на развој на домашните капацитети.
Според извештај на парламентарна комисија од јуни 2024 година, проблемите како доцнења, пречекорување на трошоци, бирократски пречки, недостиг од стручен кадар и политизација на набавките сериозно ја загрозуваат способноста на државата навремено и ефикасно да ја снабди војската.
Опозицискиот лидер Пјер Полиевре изјави дека неговата Конзервативна партија го поддржува зголемувањето на буџетот за одбрана и ја обвини либералната влада дека во изминатите десет години ја занемарила војската.
Иако членките на НАТО со години ветуваат дека ќе достигнат трошоци од најмалку 2% од БДП, Канада долги години заостанува зад своите сојузници.
Генералниот секретар Марк Руте, кој во понеделникот престојуваше во Лондон, изјави дека на алијансата ѝ е потребно зголемување од 400% на капацитетите за воздушна и ракетна одбрана за да се зачува веродостојно одвраќање.
Минатата недела Руте предложи членките на НАТО да го зголемат трошењето на одбрана на 5% од БДП – предлог кој претходно го поддржа и поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Извор: BBC