Канадскиот премиер Марк Карни остро реагираше на повторните пораки од Соединетите Американски Држави за можно преземање на Гренланд, истакнувајќи дека за иднината на овој арктички остров не може да одлучува претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Гренланд и Данска решаваат за својата иднина“
Говорејќи во Пекинг, по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, Карни нагласи дека правото на одлучување за Гренланд ѝ припаѓа исклучиво на локалната власт на Гренланд и на Кралството Данска.
„Иднината на Гренланд не е во рацете на претседателот на Соединетите Американски Држави. Тоа е прашање што го решаваат Гренланд и Данска“, изјави Карни на прес-конференција.
Поддршка за Данска и НАТО обврските
Канадскиот премиер истовремено ги повика сојузниците во НАТО, вклучувајќи ги и САД, да ги почитуваат преземените обврски и јасно изрази целосна поддршка за данскиот суверенитет над Гренланд.
Тој потсети дека Канада и Данска се блиски сојузници во рамките на НАТО.
„Нашето партнерство со Данска е цврсто. Обврските од член 5 и член 2 на НАТО важат и Канада во целост стои зад нив“, порача Карни.
Арктикот тема и во разговорите со Кина
Карни додаде дека прашањата поврзани со Гренланд и арктичкиот суверенитет биле дел и од разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг, при што, како што наведе, бил забележан висок степен на усогласеност на ставовите.
