Канада разочарана од одлуката на Трамп за нови царини: „Ќе ги заштитиме нашите работници“

Канадската влада изрази длабоко разочарување поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе 35% царина на одреден канадски извоз, кој не е опфатен со постојниот трговски договор CUSMA (Спогодба меѓу Канада, САД и Мексико).

Премиерот Марк Карни, преку објава на својот официјален профил на „Икс“ (поранешен Твитер), истакна дека и покрај ваквиот потег, Канада останува посветена на договорот CUSMA, кој според обемот на трговија е вториот најголем договор за слободна трговија во светот.

„Иако сме разочарани од оваа акција, нема да отстапиме од нашите обврски и партнерства“, наведе Карни.

Најпогодени од новите мерки ќе бидат канадските сектори за автомобилска индустрија, дрвна преработка, челик и алуминиум, кои во голема мера зависат од извозот на американскиот пазар.

Канадската влада, најави Карни, ќе преземе конкретни чекори за заштита на домашната економија – преку зајакнување на конкурентноста, поддршка за домашното производство, и проширување на извозот надвор од американскиот пазар.

Од САД, одлуката беше оправдана со наводниот „неуспех на Канада да го спречи шверцот на фентанил“, синтетички опиоид кој предизвикува сериозна здравствена криза во Северна Америка.

„Канада инвестира историски суми во гранична безбедност – вработуваме илјадници нови граничари, користиме воздушен надзор, разузнавачки и безбедносни ресурси, и имаме најстрога гранична регулатива досега“, изјави премиерот Карни, додавајќи дека двете земји треба заеднички да се справат со фентанилската криза, а не со еднострани економски удари.

Иако одлуката на Вашингтон се очекува да предизвика тензии меѓу блиските соседи и трговски партнери, Отава повторува дека останува отворена за дијалог – но нема да стои настрана кога се работи за заштита на работните места и економскиот суверенитет на Канада.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни