Канабисот најкористена дрога во Македонија, покажа европско истражување

Истражувањето опфатило 862 испитаници, главно од возрасните групи од 25 до 44 години
Фото: elsaolofsson, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Канабисот бил најчесто користената дрога во Македонија во 2024 година според резултатите од Европското веб-истражување за употреба на дроги (EWSD) на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

32 отсто одговориле дека користеле канабис во последните 12 месеци, а по него следат бензодиазепините (26 отсто) и CBD производите со ниско ниво на THC (25 отсто). Кокаинот го користеле 18,4 отсто од учесниците во истражувањето, а екстази/МДМА — 9,3 отсто.

Истражувањето опфатило 862 испитаници, главно од возрасните групи од 25 до 44 години. Повеќето испитаници (57 отсто) имале завршено високо образование, 70 отсто биле вработени со полно работно време, а 88,4 отсто живееле во град, од кои половината во Скопје.

Мотивацијата за употреба на канабис била првенствено ослободување од стрес и релаксација, при што значителен процент од испитаниците го користеле и за социјализација, подобрување на спиењето и регулирање на расположението. Заедничката употреба со тутун и алкохол била честа појава, при што значителен број корисници на канабис пријавиле истовремена употреба на други недозволени дроги.

Дополнително, околу 53% од корисниците на канабис признале дека возеле возило во рок од четири часа по консумирањето, што предизвикува сериозни грижи за јавната безбедност. Ова претставува значителен ризик за безбедноста на патиштата и ја нагласува потребата од насочени кампањи за подигање на свеста, се вели во извештајот.

Употребата на кокаин и амфетамин првенствено била поврзана со ноќниот живот, со високи стапки на истовремена употреба со алкохол, тутун и канабис. Употребата на кокаин била силно поврзана со социјализацијата, особено во клубовите, баровите и музичките фестивали, при што значителен дел од корисниците пријавиле негова употреба за намалување на ефектите од алкохолот.

Употребата на амфетамини за да останат будни и за подобрување на перформансите е забележителна, при што многу испитаници пријавиле употреба на работа и на забава. Овој тренд сугерира дека некои поединци користат амфетамини не само за рекреативни цели, уку и како алатка за подобрување на продуктивноста или издржливоста.

Истражувањето покажа дека додека повеќето корисници пријавиле повремена употреба, но забележлив дел (иако малку) пријавиле честа употреба, што претставува ризик од зависност и долгорочни здравствени компликации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни