ХЕРА: Кога се штеди на превенција – последиците стануваат прескапи

ХЕРА и партнерските организации ја стартуваа националната кампања која предупредува дека игнорирањето на превенцијата го чини здравствениот систем – и граѓаните – најмногу.

Со силна порака која допира до секојдневието на жените, семејствата и ранливите групи, граѓанските организации денес ја промовираа националната кампања „Кога се штеди на превенција – последиците се скапи“. Кампањата укажува дека намалувањето на превентивните мерки не само што го загрозува здравјето, туку создава огромни трошоци за целиот здравствен систем.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со ЕСЕ, Заедно посилни и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, апелираат превенцијата да стане централен приоритет во здравствените политики. Наместо кратење на буџети, потребни се вложувања што ќе обезбедат пристапност, редовни прегледи и поддршка за ранливите категории.

Иако државата има законска обврска да обезбеди достапна превентивна заштита, податоците откриваат сериозни пропусти: голем дел од жените плаќаат за услуги кои треба да бидат бесплатни, покриеноста со скрининг е далеку под европските стандарди, а ромските жени речиси и не се информирани за своите здравствени права. Граѓанските организации откриваат многу повеќе случаи на ХИВ поради активната теренска работа, што дополнително го потврдува значењето на превенцијата.

Кампањата опфаќа инфографици, видеа, пораки од здравствени професионалци и јасни повици за акција, а нејзината цел е јасна: зголемување на буџетските средства за превенција и обезбедување еднаков пристап до здравствена грижа – независно од приходите, локацијата или етничката припадност.

„Превенцијата не е трошок, таа е инвестиција во здрави животи и поефикасен систем,“ порачуваат организациите, барајќи конкретни мерки кои ќе го вратат фокусот кон граѓаните и нивните потреби.

Проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“ се спроведува од страна на ХЕРА, ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Заедно посилни, со поддршка на Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни