Камионџиите од утре напладне ќе ги блокираат товарните терминали на сите гранични премини

Седумдневен протест поради правилото 90/180 дена во Шенген и новата евиденција на влез и излез. Блокадите се најавени само за камиони, додека патнички сообраќај, автобуси и приоритетни пратки треба да поминуваат непречено

Превозниците организирани преку Асоцијацијата „Макамтранс“ најавија дека утре напладне почнуваат со блокади на граничните премини за товарен сообраќај на излез од Македонија, а од полноќ ќе ги блокираат и терминалите за влез во земјата. Акцијата е најавена како седумдневен протест, со можност да се прекине порано ако се најде решение.

Според најавата, блокирани ќе бидат терминалите и лентите за камиони на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.

Зошто протестираат превозниците

Клучната причина е примената на правилото за престој во Шенген, според кое државјани на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена, а превозниците тврдат дека со новата евиденција на влез и излез се третираат „како туристи“ и практично остануваат без можност да работат на европските рути.

Од „Макамтранс“ велат дека проблемот дополнително се зголемил со проширувањето на Шенген, бидејќи со влезот на нови членки возачите многу побрзо ги „трошат“ деновите. Воедно бараат возачите во меѓународен транспорт да бидат третирани како професионална категорија, слично на екипажите во бродски, железнички и авиопревоз, кои, според нив, се изземени од истиот режим.

Што со патничкиот сообраќај и приоритетните пратки

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека додека трае протестот не треба да има блокада за патнички возила и автобуси, ниту за возила што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки, додека фокусот на блокадите е врз товарниот сообраќај.

Каков удар може да биде врз економијата

Од Владата предупредуваат дека најпогодени ќе бидат извозно ориентираните компании, како и фирмите во технолошко индустриските развојни зони, кои создаваат значаен девизен прилив.

Во истиот контекст се посочува дека во земјата има околу 2.700 превозници за меѓународен транспорт, а најголем дел од увозот и извозот се врши токму со камиони, што ја прави блокадата сериозен ризик за синџирите на снабдување ако потрае.

Регионално координирана акција

Протестот, според најавите, е координиран со превозници од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а има поддршка и од Албанија, Косово и Турција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни