ВИДЕО: Камера од автомобил ја снимила трамвајската несреќа во Сараево

Нова снимка од камера во автомобил го прикажува моментот на трамвајската несреќа во Сараево во која загина 23-годишник.

По трагичната трамвајска несреќа што денес се случи во Сараево, во која загина 23-годишен маж, а четири лица беа повредени, на социјалните мрежи се појави ново видео од самиот момент на несреќата.

На видеото, кое според објавите е снимено од друго возило што се движело во близина, јасно се гледа како трамвајот излетува од шините на раскрсницата кај Земалскиот музеј, удира во трамвајско стојалиште и завршува на коловозот. Снимката дополнително ја илустрира силината на ударот и хаосот што следел веднаш по инцидентот.

Трамвајот се движел од Железничката станица кон Башчаршија. Во несреќата животот го загуби 23-годишен маж, додека четири лица се повредени.

Кантоналното обвинителство соопшти дека увидот ќе продолжи и утре. Постапката ја водат двајца обвинители со присуство на судски вештаци од машинска и сообраќајна струка, со цел да се утврдат сите околности и причините за несреќата.

Трамвајот по завршување на увидот ќе биде префрлен во кругот на градското сообраќајно претпријатие ГРАС, каде ќе следува дополнително вештачење. Од надлежните засега не се соопштуваат повеќе детали, додека не завршат експертските анализи.

Од МВР на Кантонот Сараево потврдија дека сообраќајот во дел од централното градско подрачје бил привремено затворен, што предизвика застои и пренасочувања.

Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево прими три лица на лекување, додека 17-годишна девојка со тешки телесни повреди е хоспитализирана во Општата болница „Прим. др. Абдулах Накаш“, каде поради сериозноста на повредите ѝ била ампутирана ногата.

Новата видео-снимка може да биде клучна во понатамошната истрага, која треба да утврди како и зошто дошло до излетувањето на трамвајот од шините.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни