Стариот Камен мост на реката Вардар ги поврзува плоштадот Македонија на десниот брег и Скопската Стара Чаршија на левиот брег од реката. За неговото постоење постојат две различни мислења. Според првото, изграден е во VI век, непосредно по катастрофалниот земјотрес во 518 година, во време на владеењето на императорот Јустинијан I. Други сметаат дека мостот бил изграден во втората половина на XV век, меѓу 1451 и 1469, време кога на чело на Отоманската Империја бил султанот Мехмед II Освојувачот.
Низ вековите претрпел повеќе промени, па така доградуван е во време на султанот Сулејман Величествениот и на српскиот цар Душан. За време на Втората светска војна мостот бил миниран, но по ослободувањето на градот било спречено активирањето на динамитот, со што мостот бил спасен од уривање. Современите промени и доградувања имаат за цел да го доближат кон неговиот првобитен изглед.
Камен мост е изграден од травертински камени блокови, врзани со железни куки и зацврстени со леано олово и кршен камен и малтер. Во својот првобитен изглед содржел 13 полукружни лакови, имал должина од 213,85 м (329 чекори) и ширина од 6,33 м. Денес мостот е прооден само за пешаци, но историски по него се одвивал и жив сообраќај. Името „Камен мост“ го добил поради тоа што бил изграден со употреба на кршен камен. Освен тоа мостот историски е познат и како „Душанов мост“, во чест на српскиот цар Душан. Камен мост се смета за симбол на градот Скопје. Камен мост е прикажан како составен елемент на грбот на градот.