Камбоџа против Тајланд – Храмот, границата и многу геополитика

Напнатостите меѓу Камбоџа и Тајланд повторно кулминираа, потсетувајќи дека регионалната стабилност на Југоисточна Азија често зависи од нерешени историски и територијални прашања.
AFP/CNN Newsource (преку CNN Newsource)

Главната точка на раздор меѓу Камбоџа и Тајланд е древниот храм Преах Вихеар, сместен на карпеста висорамнина на границата. Изграден во 9-12 век, овој храм е објект од големо културно и религиозно значење за обете земји. По падот на Кмерската империја, Тајланд ја контролирал областа, сè до француската колонијална ера кога Камбоџа стана дел од Француска Индокина.

Извор: Wikimedia Commons – Preah Vihear Temple, фотограф William Brehm (Flickr)

Во 1962 година, Меѓународниот суд на правдата (ICJ) пресуди дека храмот припаѓа на Камбоџа, но околната територија остана нејасна, што создаде долготрајна правна сива зона. Иако храмот беше ставен под УНЕСКО заштита во 2008 година на барање на Камбоџа, ова предизвика бес во Тајланд и насилни судири во 2011 година со десетици загинати и илјадници раселени.

Политички мотиви и национализам

Политичката нестабилност во двете земји често го користи конфликтот како алатка за мобилизација. Тајландските националистички движења гледаат на храмот како „украдено наследство“, додека камбоџанските лидери ја користат темата за да ја засилат својата патриотска легитимност.

Во последните недели, тензиите повторно се зголемија поради спорови околу воени позиции и изградба на инфраструктура од двете страни на демаркациската линија, која сè уште не е дефинитивно договорена. Камбоџанските власти го обвинија Тајланд за влез на нивна територија, додека Бангкок негираше каква било повреда на суверенитетот на Камбоџа.

Економски интереси во игра

Иако главната точка на спорот е територијална, економските интереси се длабоко вградени во конфликтот. Регионите околу границата имаат големи природни ресурси, вклучувајќи руди, дрво и можен нафташки потенцијал, како и стратешко значење за транспортот и трговијата.

Преку границата поминуваат бројни нелегални економски токови на дрога, трговија со луѓе и илегално сечење шума – кои ги комплицираат односите и ги подгреваат локалните тензии.

Геополитички импликации: Кина во сенка

Растечкото влијание на Кина во Камбоџа — преку инвестиции, инфраструктура и политичка поддршка — се гледа со недоверба во Бангкок, кој традиционално балансираше меѓу Вашингтон и Пекинг. Камбоџа во последната деценија стана најблизок сојузник на Кина во регионот, што ги засили стравувањата на Тајланд од геополитичко опкружување.

Дополнително, секое влошување на односите може да предизвика нестабилност во рамките на АСЕАН, каде двете земји се членки. Организацијата досега не успеа да воспостави ефективен механизам за спречување вакви билатерални конфликти.

Последици по населението

Во зоната околу храмот и во регионот Одар Минчеј, каде повторно се мобилизираат сили, живеат десетици илјади луѓе. Секоја ескалација го прекинува нивниот секојдневен живот – затворени училишта, евакуации и економска стагнација.

Во 2011 година, над 85.000 лица беа раселени. Денес, локалните заедници стравуваат од слично сценарио, особено со оглед на слабата социјална и здравствена инфраструктура во овие рурални делови.

Има ли излез?

Во 2013 година, ICJ донесе дополнителна пресуда која потврди дека Камбоџа има суверенитет над целотo плато околу храмот, но Тајланд сè уште се повикува на своето историско присуство и влијание. Единствениот пат до одржлив мир е преку дипломатски дијалог, прецизна демаркација и почитување на меѓународното право.

Најновите случувања покажуваат колку е кревка стабилноста кога минатото не е соочено до крај. Историјата, национализмот, економијата и геополитиката продолжуваат да се вкрстуваат на границата меѓу Камбоџа и Тајланд – со опасност да се запали нешто многу поголемо од локален спор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни