Камбоџанските власти го обвинија Тајланд за интензивирање на бомбардирањето на спорните погранични области, токму во момент кога официјални претставници на двете земји се наоѓаат на средби со цел постигнување прекин на огнот и ставање крај на обновените судири.
Долготрајниот граничен конфликт меѓу двете соседни држави повторно ескалираше овој месец, со што беше нарушено претходното примирје. Според официјални податоци, повеќе од 40 лица го загубиле животот, а околу еден милион луѓе биле раселени како последица од борбите.
И покрај тоа што денеска се одржуваше третиот ден од преговорите на граничниот премин, а за утре е најавена средба на министрите за одбрана, камбоџанското Министерство за одбрана соопшти дека тајландската војска утрово извела тешко бомбардирање во провинцијата Бантeј Менчеј.
Според соопштението, меѓу 6:08 и 7:15 часот, тајландски борбени авиони F-16 фрлиле околу 40 бомби врз подрачјето на селото Чок Чеј. Од друга страна, тајландските медиуми објавија дека камбоџанските сили ноќеска извршиле тешки напади долж границата во провинцијата Са Каео, при што биле оштетени неколку домови.
Меѓународно посредување и кревко примирје
Двете земји меѓусебно се обвинуваат за предизвикување на новите борби, кои во изминатите денови се проширија долж речиси целата заедничка граница. И Камбоџа и Тајланд тврдат дека дејствувале исклучиво во самоодбрана, додека истовремено се обвинуваат за напади врз цивилното население.
Соединетите Американски Држави, Кина и Малезија претходно посредуваа во воспоставување примирје по петдневните жестоки судири во јули, но прекинот на огнот траеше кратко.
Камбоџанскиот премиер Хун Манет денеска објави дека телефонски разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио, при што биле разгледувани „начини за обезбедување прекин на огнот долж границата меѓу Камбоџа и Тајланд“.
Конфликтот произлегува од територијален спор поврзан со разграничувањето на 800 километри долгата граница, утврдена уште во колонијалниот период, како и околу антички храмски локалитети кои се наоѓаат во спорната зона.