Камбоџа ја затвори границата со Тајланд поради ескалација на борбите

Судирите долж заедничката граница продолжуваат шести ден, и покрај најавите за можен прекин на огнот со посредство на САД
AFP /Getty Images

Камбоџа ја затвори својата граница со Тајланд поради ескалацијата на вооружените судири меѓу двете соседни земји, кои продолжуваат и покрај дипломатските напори на Соединетите Американски Држави за воспоставување прекин на огнот.

Затворањето се однесува на сите влезни и излезни гранични премини и стапува на сила веднаш, соопшти денеска портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Камбоџа. Одлуката, како што беше наведено, е донесена од безбедносни причини и со цел заштита на населението и територијалниот интегритет на земјата.

Борбите долж заедничката граница меѓу Камбоџа и Тајланд влегоа во шестиот последователен ден. Иако американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека по телефонски разговор со тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул и камбоџанскиот премиер Хун Манет било постигнато согласување за прекин на огнот, ниту една од двете земји официјално не го потврди ваквиот договор.

Утринава, двете страни меѓусебно се обвинија за напади врз цивилни цели. Министерството за одбрана на Камбоџа во објава на Фејсбук соопшти дека тајландските сили продолжуваат со бомбардирање, додека тајландската војска на социјалната мрежа X објави дека Камбоџа испалила ракети кон цивилни области во провинцијата Сисакет, при што биле повредени четири лица.

Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изјави дека воените операции ќе продолжат сè додека, како што рече, не исчезнат заканите и штетата за земјата и нејзините граѓани.

Насилството е поврзано со долгогодишен територијален спор меѓу двете држави од Југоисточна Азија, кој периодично ескалира во вооружени инциденти. Двете страни меѓусебно се обвинуваат дека го прекршиле претходно договореното примирје долж границата долга околу 800 километри.

Според официјални информации, судирите досега довеле до раселување на повеќе од 500.000 луѓе, при што загинале над 20 лица, меѓу кои и цивили, а стотици се повредени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни