Зимата и студените денови често одат рака под рака со чаша варено вино, пунч или грог. Овие пијалаци создаваат чувство на топлина и удобност, но во исто време се и висококалорични, главно поради содржината на алкохол и додадениот шеќер. Сепак, нутриционистите порачуваат дека не мора целосно да се откажеме од зимските класици – туку можеме да ги прилагодиме и да ги направиме поздрава верзија.
Според нутриционистката Мирја Зупчиќ, клучот е во умереноста и изборот на состојки, особено кога станува збор за засладувачи и количината на алкохол.
Варено вино – околу 230 калории по чаша
Вареното вино традиционално се подготвува од црвено вино со додаток на цимет, каранфилче, анасон, ванила и шеќер. Една чаша може да содржи и до 230 калории, најмногу поради шеќерот кој се додава при подготовката.
Како да го направите поздрава опција? Изберете суво црвено вино и целосно исфрлете го шеќерот или заменете го со мала количина мед. Аромата може да се засили со кора од портокал или лимон и природни зачини, без дополнителни калории. Важно е виното само да се загрева, а не да врие, за да се зачува вкусот и дел од алкохолот.
Грог – од 160 до 200 калории
Класичниот грог се состои од рум, топла вода, лимон и шеќер. Во зависност од количината на алкохол, содржи 160 до 200 калории по чаша.
Поздрава верзија подразбира целосно исфрлање на шеќерот. Лимонот дава доволно вкус, а количината на рум може благо да се намали. Додавањето цимет или ѓумбир ја збогатува аромата без да ја зголеми калориската вредност.
Пунч – околу 250 калории по порција
Пунчот често е најкалоричниот зимски пијалак, бидејќи комбинира алкохол, овошни сокови и шеќер. Една порција може да достигне и 250 калории.
Доколку го подготвувате дома, препорачливо е да користите свежо цедени сокови, наместо индустриски, да го разредите со топла вода или чај и да избегнувате дополнителен шеќер. Намалувањето на алкохолот значително ја снижува и енергетската вредност.
Ракија – најмалку калории по мера
Меѓу зимските алкохолни пијалаци, ракијата се издвојува како најмалку калоричен избор, со околу 65 до 80 калории по стандардна мера (0,03 л), во зависност од јачината. За разлика од неа, ликерите содржат значително повеќе калории поради додадениот шеќер.
Нутриционистите советуваат да се избира чиста ракија, без додатоци како мед или сирупи, и да се остане на една чаша.
Во крајна линија, уживањето во зимските пијалаци не мора да значи откажување од здравите навики – со мали промени, тие можат да станат и поумерена, попаметна опција.