Калиа Димитрова: Работите кои ме изградија

Во новото издание на „Боцкаме сабота“ имаме ексклузивно интервју со Калиа Димитрова – писателка и активистка, која годинава ја освои наградата Штефица Цвек за својата збирка поезија „Во хаосот, радост“. Во разговорот, Димитрова ги открива клучните моменти и искуства од различни периоди во нејзиниот живот, кои ја изградиле и обликувале во слободна личност, ослободена од предрасуди и стереотипи. Преку својата поезија и активизам, таа ја пренесува својата порака за радоста која може да се најде и во најхаотичните ситуации.


Место вовед

Ако нешто избегнувам во животот, тоа е играње favourites. Прво, зашто постојано се предмет на промена. Второ, зашто како и повеќето луѓе кои ги познавам патам од синдром краток фокус и сеќавање, па 70% од нештата што ги гледам и читам потоа целосно ги заборавам. Или веројатно не целосно. Сакам да верувам дека постојат внатре во некој бунар што ја креира и моделира личноста и на тој начин стануваат составен дел од нашиот светоглед или однесување. Но, сепак, тешко дека би можела да ги набројам. И трето, зашто како дете на златното доба на поп-културата, односно, доцни 90 и рани 2000, многу од моите лектири и референци се, просто кажано, треш. Но, да не должам многу – еве ја горе-долу листата на моите вечни и/или мометални инспирации.

Книги

Не сум сигурна дали да започнам од почетокот или крајот, но веројатно и нема да направи некоја разлика. Најважната книга во мојот живот е книгата на која научив да читам. Како се викаше и кој ја имаше напишано? Везе немам. Но се сеќавам дека беше во огромен формат (скоро колку што и јас бев долга и широка на 6 години) и приказната зборуваше за едно момче кое мора да одјава во подземјето за да се соочи со своите стравови. Книгата беше несвојсвтвено dark за таа возраст, но мене уште од мала ме скокоткаше темнината. Никогаш нема да го заборавам моментот кога успеав да прочитам цела реченица. Бев во една мала собичка кај баба ми и дедо ми и се чувствував како да сум открила некоја магија. Останатото е, што би се рекло, историја.

Се шалам. Овој дел ми е лесен, зашто имам една полица во библиотеката кајшто ги чувам „библиите“. Тоа се книги кои или некогаш ме трогнале или книги на кои постојано им се навраќам и на тој начин ми станале составен дел од животот. Еве што може да се сретне таму:

Малиот принц, очигледен избор, но сепак, задолжително читање еднаш во две, три години. Влада Урошевиќ – првпат го читав во средно и останува да биде еден од моите омилени поети. На слична линија ми е веројатно и Мери Оливер. Нејзиниот израз и однос кон природата, времето и одговорноста ме смирува и приземјува. Таа е авторката на една од моите омилени песни „Диви гуски“, а преводот може да се прочита на Медуза. А веќе кога сме кај преводи, рубрикава не може да помине без Френк О’Хара, чиј стил на пишување поезија (и веројатно стил на пишување општо) ми е омилен. Неговата песна „Утро“, која исто така може на се прочита на македонски на Медуза, содржи еден стих што ми го крши и лепи срцето истовремено: „Ноќе крај кејот/автобусите светат ко/облаци и осамен/ мислам на флејти“

(пауза за кратко плачење)

Во средно опсесивно го читав Џек Керуек и бев фасцинирана од битничката книжевност, што веројатно е многу очекувано за таа возраст. Омилена книга од Керуак ми “The Dharma Bums”, која истовремено важи и за една од најмизогините книги од него. Се работи за класична машка ескапистичка приказна, каде додека главниот лик патува и истражува во потрага по вистината (дармата), женските се слатки и меки станици попат. Оваа книги и други налик кои ја нервираат феминистката во мене, сепак остануваат да бидат дел од мојата специјална полица, зашто да не биле тие и фрустрацијата што ја разбудиле дека приказните за авантури и слобода беа резервирани за мажите, веројатно немаше да почнам да истражувам за феминизмот и да откриев купишта книги и авторки кои и те како пишуваат за слободата. Тука би ги спомнала Одри Лорд, Маргарет Дирас, Оушн Вуонг, Џоан Дидион, Ребека Солнит, Роксен Геј итн.

Сега сфатив дека набројувам автори наместо книгиJ

Еве, ќе се поправам. Последните три книги кои ги прочитав баш топло ги препорачувам. „Све добре барбике“ од одличната современа српска авторка Катарина Митровиќ (не е достапна во Македонија, но спремна сум да ја позајмам), „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, во издание на „Илика“, и „Господ па Америка“, од наша Румена Бужаровска.

Музика

Решив втората точка да е музиката, зашто е најблизку до поезијата. Со другарка ми Ката понекогаш си замислуваме дека живееме во мјузикл. Можеби тоа и не е толку далеку од вистината.

Сакам да кажам, колку и да звучи ова клише, не знам што би правела без музика.

Колку повеќе зјапам во екранов толку ми е потешко да издвојам песни, артисти или албуми во овој поглед. Музиката секогаш ми е поврзана со некои моменти, зашто е интергален дел од доживувањето. На пример, имам околу 6 години. Одиме некаде на пат со моите во црвеното Рено 4 и слушаме Нирвана на касета. Јас и сестра ми на задно седиште се дереме на Smells like teen spirit на некој наш измислен јазик. Баба ми Станче свири клавир во дневна, а моето зелено папагалче Џиџи се надвикува. Ја слушам “In this world” од Moby и не можам да престанам да плачам. Тинејџерка сум и лежам во детска, додека слушам Antenna 5 love songs и се допишувам со некој симпатија. На MTV се појавува спотот на Lose control на Missy Eliot и некако, повеќе ништо не е исто.

Листава може да стане опасно долга и затоа сепак ќе заокружам со неколку песни без кои навистина не можам да си го замислам животот.

Кажете што сакате, али Месечина од Горан Брегович е совршена песна. Сликата е следна: топла летна приквечер е, пред нас трпеза со веќе изедена храна, флеки и општ хаос, а некој подзапиен чичко се воздржува (или не) да скрши чаша. 

Периодов сум опседната (во буквална смисла на зборот) со неколку диско песни на Evans Pyramid (вистинското име е Andre Evons), музички мастермајд и мултиталент кој најплодните ствари ги создава во доцните 70тите и 80тите години. Јас во суштина сум die hard romantic и песната „No I won’t“, според мене, е како би звучела љубовта ако би била една песна.

Don’t tell me од Мадона е веројатно песната на мојот живот. Всушност, нека застане приказнава на оваа песна. Мадона засекогаш!

*За оние што сакаат подлабоко да ѕирнат во ритамот на моите денови, јас сум посветна плејлисто-содавачка, особено кога заглавувам со пишување. На пример, плејлистата Drive ја направив специјално додека го одложував пишувањето на текстот „Зад воланот“, а Suze, znoj i snove ги содржи песните кои ги слушав додека ја уредував мојата збирка „Во хоасот радост“.

Филмови

Филмови, серии и цртани ги ставам во еден заеднички куп и веројатно се медиумот кој најдиректно влијае на мојот израз. Кога пишувам, било да се работи за есеи или песни, сакам да создадам сцени, живи ликови, дијалози и атмосфера која го носи дејството.

Филмот кој не престанува да ме инспирира, од естетика, преку сценарио и наратив, до политичност, и што го доживувам како целосно и совршено уметничко дело е „Маргаритки“ од Вера Хитилова.  

А, сега доаѓа листата на favourites, без никаква хиерархија, појаснување, замарање. Едноставно, нешта кои сум уживала да ги гледам од различни причини и во различни животни периоди:

Clueless, Twin peaks, The Virgin Suicides (па и било што од Софиа Копола), The Powerpuff Girls, Fleabag, Сексот и градот, Мистерије Организма, Fargo (сериите), било што со Џулија Робертс – по можност Нотинг Хил, I may destroy you…

…и многу, мнооооогу други.

Театар

Не сум сигурна зошто, но во моментов не ми текнува на ниедна претстава која зазема некое специјално место во мојот живот.

Но тоа што можам да го споделам е од едно поле доста сродно на театарот – перформанс уметноста. Буквално сè што имам гледано и доживено од полето на перформансот на Скопскиот викенд на гордоста, кој се случува во Јуни во Скопје ме има изместено на најдобар можен начин.

А специјално место во моето срце има колективот Steam room.

Што има ново

Мојата нова збирка Во хаосот радост ја отворам со песната „сè по старо“ Исто така, во истата таа песна, малку ги исмевам муабетите за филмови и уметност кои ни го промениле животот, зашто често се претенциозни и досадни. Се надевам дека не паднав во таа замка.

Инаку, од нови нешта, самошто се вратив од Сараево каде се случи прогласување на книгите кои го добија регионаното признание Штефица Цвек и „Во хаосот радост“ е една од седумте наградени книги.

Оваа збирка ми е многу драга, ја работев со многу посветеност, трепение и љубов, и ме радува што една година по нејзината промоција во Скопје добива некој нов живот. Ќе си дозволам да звучам романтично, па и малку патетично, но поезијата (и книжевноста) се едно од малкуте работи денес што прават да се чувствувам како човек. Се радувам што имам привилегија да пишувам и што постојат луѓе кои тоа сакаат да го читаат. Животот понекогаш е убав.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни