Калето – Заборавено културно наследство во срцето на Скопје

Во Република Македонија, културното наследство е препознаено како темелна општествена вредност. Член 56 од Уставот ја утврдува обврската на државата да ги заштити предметите и објектите од особено културно и историско значење како добра од општ интерес. Тие уживаат посебна заштита и не смеат да бидат третирани како обичен имот или ресурс. Заштитата на културното наследство е од јавен интерес и обврска на сите нивоа на власт, на институциите и на самите граѓани.
DCIM100MEDIADJI_0614.JPG

Денес, 18 април, се одбележува Светскиот ден на споменици и локалитети, познат и како Светски ден на културното наследство. Овој ден е посветен на подигнување на јавната свест за значењето на културното наследство, неговото зачувување и одржливо управување. Тоа не е само празник на историјата, туку и потсетник дека културното наследство е жива врска меѓу минатото, сегашноста и иднината.

Во Република Македонија, културното наследство е препознаено како темелна општествена вредност. Член 56 од Уставот ја утврдува обврската на државата да ги заштити предметите и објектите од особено културно и историско значење како добра од општ интерес. Тие уживаат посебна заштита и не смеат да бидат третирани како обичен имот или ресурс. Заштитата на културното наследство е од јавен интерес и обврска на сите нивоа на власт, на институциите и на самите граѓани.

Законот за заштита на културното наследство ги дефинира и обврските во однос на движното и недвижното наследство – од прашањето за сопственост, до критериумите за заштита и надзор. Културното наследство може да биде во државна, општинска или приватна сопственост, но без разлика на сопственичката форма, тоа мора да се чува и користи согласно јавниот интерес.

Дополнително, Кривичниот законик на Република Македонија содржи цело поглавје посветено на кривични дела против културното наследство. Законот јасно ги санкционира уништувањето, присвојувањето, узурпацијата, нелегалниот извоз или трговијата со културни добра. Теоретски, правната рамка е солидна. Но прашањето е – колку таа функционира на терен.

Скопската тврдина – сведоштво што тоне во заборав

Илустративен пример за институционалната запуштеност е Скопската тврдина – Кале. Вековен стражар над градот, симбол на историскиот континуитет и културната слоевитост на Скопје. Локалитетот е заштитен со закон уште од 1952 година, а надополнителна правна заштита добива во 1969. Археолошки, сведочи за присуство на човек од неолитот до доцниот османлиски период.

Во последната деценија, за археолошки истражувања на Калето се потрошени над 5 милиони евра. Истражена е површина од 18 илјади квадратни метри и откриени се повеќе од 13 илјади археолошки предмети – керамика, накит, алатки, оружје. Но и покрај сето тоа, денес тврдината е затворена за јавноста.

По завршувањето на ископувањата во 2016 година, активностите на терен речиси целосно запреа. Локалитетот остана недостапен, со исклучок на околу 300 метри патека. Инфраструктурата е запуштена – нема информативни табли, клупи, ниту канти за отпадоци. Патеките се делумно оштетени, а музејските објекти – затворени.

Музеи без посетители, предмети без светлина

Музејот на праисторијата, кој се спушта три ката под земја, денес е обраснат со корења. Вториот музеј, посветен на отоманскиот период, никогаш не е отворен иако е завршен. Објектот во форма на црква, кој во 2011 година стана повод за политичко-етнички тензии, остана недовршен. За него се потрошени околу 1,7 милиони евра.

Археолошките артефакти, и покрај својата вредност, сѐ уште се чуваат во магацини, без услови за изложување. Без решен статус на музејските простории, тие остануваат скриени од јавноста – како богатство без сопственици.

Во 2019 година беше организиран меѓународен конкурс за архитектонско и урбано решение за просторот околу Калето. Пристигнаа 17 идеи, но ниедна не е реализирана. И покрај поддршката од Европската Унија, иницијативата се загуби во административен лавиринт.

Политички и институционален ќорсокак

Кале не страда само од негрижа – туку и од политизација. Во 2020 година, млади активисти на една политичка партија со ласери го испишаа слоганот „псе јо“ на ѕидините, па наместо простор на културна коегзистенција, Калето стана сцена за дневнополитички пораки и етнички поделби.

Во 2024 беше формирана работна група за расчистување на статусот на Калето, но резултати сѐ уште нема. Без елаборат за ревалоризација, не може да се донесе урбанистички план. Без план – нема интервенции, нема отворање, нема напредок.

Иако во декември 2024 новиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, најави отворање на Калето до почетокот на летото, денес е април – и тврдината сѐ уште е затворена.

Минатото не е товар, туку ресурс

Скопската тврдина не е само археолошки локалитет. Таа е симболичка точка од која се гледа цело Скопје – и неговите фасади од проектот „Скопје 2014“, и неговите старини. Додека скапи барокни копии добиваат внимание, автентичното културно наследство чека во тишина.

Потребна е сериозна, одговорна и долгорочна стратегија за заштита, ревитализација и достапност на културното наследство. Не декларативна, туку реална. Зашто културното наследство не е само минато – тоа е иднина која нѐ учи кои сме, и зошто вреди да останеме тука.

Соња Танеска

превземено од Рацин.мк https://racin.mk/makedonija/kaleto-zaboraveno-kulturno-nasledstvo-vo-srczeto-na-skopje/

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни