По дебитантското EP „Isla“ и студискиот албум „Моин“, електронскиот проект ΚΑΛΒΥΛΑ се враќа со ново, темно и ритуално издание за етикетата Стотројка, насловено „Пештера“. Овој нов материјал претставува своевидно понирање во звучните длабочини на македонските пропасти – мрачен хибрид на паганско техно, шумови од подземни води и хипнотички амбиенти што создаваат чувство на движење низ камен, сенка и скриени простори под површината.
„Пештера“ ја следи препознатливата естетика на ΚΑΛΒΥΛΑ, но ја носи во уште погуст и интензивен правец: звук кој пулсира од земјата нагоре, како древен одек што се враќа по долг одмор во темнината. Изданието може да се слушне и преземе на следниот линк.
Зад проектот стои Кристијан Новковски, музичар чија богата кариера ги вклучува бендовите „Светлост“, „The Local Blue“, „Строг Пост“, „Палиндром“ и бројни други формални и неформални состави. Со ΚΑΛΒΥΛΑ тој создава атмосфера што ги спојува традицијата, митовите и современиот електронски звук во единствена, впивачка форма.
Промоцијата на „Пештера“ ќе се одржи овој петок (5 декември 2025) во Ла Кања, каде Новковски ќе настапи и со својот нов проект ТМУР – инструментално дуо што ја истражува тежината и медитативната страна на звукот.
Инспирирани од минимализмот на OM, Кристијан Новковски (тапани) и Анис Османовиќ (бас) градат непробојни ѕидови од дронови и резонирачки фреквенции кои ја обвиваат публиката како маглива, вибрирачка маса. „ТМУР“ претставува нова фаза во нивната звучна авантура – потешка, подлабока и сосема неконвенционална.
