Русија се обидува да го блокира спроведувањето на санкциите на САД против извозот на нафта со објавување план за Украина од Вашингтон, изјави денеска во Брисел високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
„Денеска е денот кога санкциите на САД против Русија треба да стапат во сила. Се надевам дека нема да видиме одлука за нивно одложување, бидејќи токму тоа го сака Русија“, им рече Калас на новинарите.
САД под водство на Доналд Трамп минатиот месец објавија санкции против две големи руски нафтени компании, Лукоил и Роснефт, чии ефекти почнаа да се чувствуваат уште пред да стапат во сила.
Индиската петрохемиска група „Рилајнс Индустрис“ соопшти вчера дека престанала да увезува руска сурова нафта во својата рафинерија ориентирана кон извоз.
Москва, исто така, се обидува да ги попречи тековните разговори во Брисел за користење на средствата на нејзината централна банка замрзнати во Европа преку заем за Украина, додаде Каја Калас.
„Она што Русија исто така го сака е да ги одложиме разговорите за заемот, така што замрзнатите средства да не се користат во корист на Украина“, изјави високиот функционер на ЕУ по форумот на кој се собраа 27-те земји-членки на ЕУ, како и земјите од Азија и Океанија.
Европејците разговараат за користење на тие замрзнати средства, вклучувајќи 210 милијарди евра што се чуваат во Белгија, за финансирање на заем од околу 140 милијарди евра за Украина.
„Сите сакаме војната да заврши. Но, начинот на кој ќе заврши војната е важен. Наградувањето на руската агресија нема да ги направи Украина, Европа или Индо-пацифичкиот регион побезбедни“, додаде таа.
Планот од 28 точки што го презентираа САД бара Киев да ги отстапи регионите Донецк и Луганск во источна Украина на Русија, Русија повторно да се приклучи на Г8 и Украина да ја намали својата војска и никогаш да не се приклучи на НАТО.
