Еврокомесарката за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави денес дека „воопшто не е убаво“ што постои можност рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Будимпешта.
Путин треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во главниот град на Унгарија.
Калас оцени дека е „лошо да се види“ како Путин — за кого Меѓународниот кривичен суд има издаден налог за апсење — доаѓа во некоја европска земја.
Таа додаде дека напорите на Трамп да се постигне мир се добредојдени, но дека е важно и украинскиот претседател Володимир Зеленски да се сретне со Путин, пренесува „Ројтерс“.
„Америка има сила да изврши притисок врз Русија да седне на преговарачка маса, и ако ја искористи таа сила, тоа може да го донесе крајот на војната“, изјави Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Луксембург.
Калас најави дека оваа недела се очекува Европската унија да го одобри 19-тиот пакет санкции против Русија и дека се работи на мерки за солидарност со Белгија во врска со замрзнатата руска имот во ЕУ.