Калас: Гренланд ќе биде столб на новата стратегија на ЕУ за Арктикот

Арктикот повеќе не е периферија, туку прва линија на глобална геополитичка конкуренција

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас изјави дека Гренланд ќе биде клучен столб на новата стратегија на ЕУ за Арктикот, регион кој, според неа, се претвора во „прва линија на конкуренција меѓу светските сили“.

Говорејќи на конференцијата Arctic Frontiers 2026 во Осло, за време на официјална посета на Норвешка, Калас нагласи дека Европската Унија, заедно со земјите-членки, работи на ажурирање на својата арктичка стратегија со цел таа да го одрази драматично променетиот безбедносен пејзаж.

„Заедно со земјите-членки ја ажурираме стратегијата на ЕУ за Арктикот. Таа ќе го одразува новото безбедносно опкружување, а Гренланд ќе биде еден од нејзините основни столбови“, изјави Калас.

Калас потсети дека од почетокот на руската инвазија врз Украина, безбедносната архитектура на Европа е „целосно променета“. Таа предупреди дека Арктикот веќе не може да се гледа како стабилен и оддалечен регион.

„Кина можеби сè уште не го ‘купува’ Арктикот, но континуирано го шири своето влијание. Отворените претензии на САД кон Гренланд само ја потврдуваат реалноста: Арктикот повеќе не е мирен агол на картата, туку прва линија на глобална конкуренција“, истакна Калас, алудирајќи и на засиленото присуство на Русија во далечниот север.

Таа додаде дека хибридните закани (како саботажи, шпионажа, нарушување на GPS-сигнали и активности под прагот на отворен конфликт) стануваат сè почести и поинтензивни, паралелно со акумулацијата на руски трупи во арктичкиот регион.

Според Калас, одговорот на овие предизвици не смее да се сведува исклучиво на воено присуство.
„Безбедноста не се состои само од војници и бродови. Таа значи отпорни општества, институции во кои граѓаните имаат доверба, безбедна инфраструктура и одржливи услови за живот“, нагласи таа.

Во тој контекст, Калас ја истакна Норвешка како еден од најблиските и најдоверливи партнери на ЕУ. Според неа, Партнерството меѓу ЕУ и Норвешка во областа на безбедноста и одбраната веќе преминува „од хартија во пракса“, преку продлабочена соработка во сајбер-безбедноста, поморската безбедност и заштитата на критичната инфраструктура.

Како конкретен чекор, таа посочи дека европскиот инструмент за финансирање на одбраната SAFE е отворен и за Норвешка, а норвешките компании ќе продолжат активно да учествуваат во програмите на Европскиот фонд за одбрана.

За време на посетата, Калас оствари средба со норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, а најавено е и нејзиното средба со министерката за надворешни работи на Гренланд Вивијан Моцфелд.

Европската Унија, порача Калас, е подготвена за уште подлабока соработка со арктичките партнери, при што Гренланд ќе има централна улога во новата стратегија за регион кој сè повеќе се претвора во клучна геополитичка точка на 21 век.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни