Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика,Каја Калас, денеска ги повика Авганистан и Пакистан на деескалација и дијалог по наглото влошување на безбедносната состојба меѓу двете земји од Јужна Азија.
„ЕУ повторува дека авганистанската територија не смее да се користи за закани или напади врз други земји и ги повикува авганистанските де факто власти да преземат ефективни мерки против сите терористички групи што дејствуваат во Авганистан или од неговата територија“, изјави Калас во соопштение.
Повик за одговорност и стабилност
Европската унија нагласува дека стабилноста во регионот е клучна за пошироката безбедност и повикува на итно намалување на тензиите, воздржаност од понатамошни воени дејствија и обновување на дипломатските канали
Апелот доаѓа по серија прекугранични инциденти и зголемени обвинувања меѓу двете земји, што предизвика загриженост кај меѓународната заедница.
ЕУ порача дека останува подготвена да ги поддржи напорите за дијалог и регионална стабилност.