Калас: ЕУ има јасна стратегија да ја ослаби Русија и да ја поддржи Украина

Европската унија има „многу јасен план“ кој се заснова на две клучни цели – ослабнување на Русија и континуирана поддршка за Украина, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Кaja Калас, по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Калас нагласи дека притисокот мора да биде насочен кон агресорот, а не кон жртвата, реагирајќи на информациите дека САД наводно разговараат со Москва за план кој би барал Украина да се откаже од дел од својата територија и да ги намали своите вооружени сили. Според неа, министрите биле „смирени“ во однос на написите, бидејќи во изминатите години се појавиле повеќе мировни предлози кои не можат да функционираат доколку со нив не се согласат и Европјаните и Украинците.

Високата претставничка истакна дека санкциите што ЕУ досега ги вовела покажуваат силен ефект врз руската економија. Извозот на руска сурова нафта, според најновите податоци, паднал на најниско ниво во последните месеци, а приходите од нафтени даноци се најниски од почетокот на војната. „Санкциите силно ја погодуваат Русија, а ќе следуваат и нови“, рече Калас, посочувајќи дека моментален приоритет е таргетирањето на т.н. „флота во сенка“ – бродови кои пловат под туѓи знамиња за да ги заобиколат нафтените санкции. ЕУ веќе санкционирала 550 такви пловила и планира да продолжи со проширување на листата.

Министрите на повеќе земји изложија остар отпор кон идејата Украина да се разоружува или да се откаже од уште територии. Францускиот министер Жан-Ноел Баро истакна дека „мир не смее да биде капитулација“, а Полскиот шеф на дипломатија Радослав Сикорски порача дека на жртвата на агресија не смеат да ѝ се наметнуваат ограничувања во одбранбената способност.

Во однос на финансирањето на Украина, повеќето министри поддржаа идеја за т.н. репарациски заем базиран на замрзнатите руски средства, кој би бил најдиректен начин за помош. Но, уште нема конечна согласност. Белгија, во која се наоѓа најголемиот дел од замрзнатите руски средства, бара цврсти правни гаранции дека таа нема да биде одговорна доколку меѓународен суд некогаш наложи враќање на тие пари.

Шведската министерка Марија Стенергард го нарече „срамно“ тоа што ЕУ сè уште увезува стоки од Русија. „Нашиот увоз од Русија ја надминува нашата помош за Украина за неверојатни 124 милијарди евра. Тоа е срамота,“ рече таа.

На состанокот се дискутирало и за саботажите во Полска, за кои Калас вели дека се дел од „државно спонзориран руски тероризам“. Според неа, Москва преку интернет регрутира ситни криминалци за да изведуваат диверзии во европските земји. Таа оцени дека решението е поголема соработка меѓу земјите членки и размена на добри практики во справувањето со вакви закани.

Калас заклучи дека ЕУ мора да остане единствена: „Ослабнувањето на Русија и поддршката на Украина не се одделни цели, тие се делови од една иста стратегија.“

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни