Анализата укажува дека цените на становите и кириите растат значително побрзо од приходите, додека системите на социјална заштита и регулаторните механизми не успеваат да го следат тој тренд.
Истражувањето се фокусира на три клучни фронта кои се особено релевантни и за Северна Македонија: недостигот од јавни и достапни станови, зголемената енергетска сиромаштија и ширењето на краткорочното изнајмување, како што се станови и соби што се издаваат на денови или недели преку платформи како Airbnb и Booking.
Policy brief-от произлегува од пошироко истражување за европската криза со домувањето, поткрепено со три студии на случаи, Финска, Грција и Република Северна Македонија. Материјалот нуди клучни факти, компаративен преглед и препораки за можен европски одговор на проблемот.
Иако Северна Македонија не е членка на Европската Унија, анализата покажува дека истите структурни притисоци се присутни и кај нас: раст на трошоците за живот, слаб развој на социјалното домување, висока енергетска сиромаштија и дополнителни притисоци од туризмот и пазарните шокови. Дополнителен проблем е недостигот од стандардизирани податоци за бездомништвото и енергетската сиромаштија, што ја отежнува изработката на јавни политики засновани на докази.
Податоците од истражувањето покажуваат дека во 2023 година 8,8 проценти од домаќинствата во ЕУ трошеле повеќе од 40 проценти од своите приходи за домување. Во периодот од 2010 до 2025 година, цените на становите во ЕУ пораснале во просек за речиси 58 проценти, додека кириите се зголемиле за околу 28 проценти. Во исто време, најмалку 895.000 лица во земјите членки се соочуваат со бездомништво, во форма на живеење на улица или итно сместување.
За Северна Македонија, истражувањето укажува на висока стапка на енергетска сиромаштија, околу 24 проценти во 2020 година, со напомена дека поради отсуство на јасна методологија, реалната состојба може да биде и потценета. Националниот фонд за социјално домување брои помалку од 2.000 станбени единици, додека бројот на празни станови е исклучително висок, над 300.000 од вкупно околу 840.000.
Краткорочното изнајмување се идентификува како растечки фактор што дополнително го намалува бројот на достапни станови во многу европски градови. Авторите на анализата посочуваат дека е неопходна појасна регулација и поголема локална автономија во справувањето со овој феномен.
„Истражувањето покажува дека кризата со домувањето не е обичен пазарен циклус, туку длабок структурен проблем. Без развој на јавен фонд на достапни станови, социјални заштити во процесот на зелена транзиција и јасни правила за краткорочните наеми, нееднаквостите ќе продолжат да се продлабочуваат“, вели Марко Михаилоски, извршен директор на Прогрес Институтот за социјална демократија.
Врз основа на наодите, истражувањето предлага проширување на јавниот и непрофитниот станбен фонд како долгорочно решение, приоритетна поддршка за најранливите домаќинства во справувањето со енергетската сиромаштија, како и засилена регулација и транспарентност кај краткорочните изнајмувања.
Студијата „Tackling the Housing Crisis in Europe“ е издание на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS), во партнерство со Прогрес – Институт за социјална демократија, Eteron и Kalevi Sorsa Foundation, а беше промовирана во Европскиот парламент на 9 декември.
Извор: Рацин.мк
