Како што објави прес-службата на бригадата, а пренесе Euromaidan Press, украинските сили со вешта тактичка измама успеале без поголеми судири да го натераат на предавање цел руски вод од 12 војници.
Бригадата „Рубиж“ е дел од „Офанзивната гарда“ и има значително борбено искуство стекнато во Хостомел, Бахмут и Рубижне. На покровскиот правец, украинските одбранбени сили постојано спроведуваат операции за прочистување, откривање и неутрализирање на руските позиции, спречувајќи ги да се консолидираат.
Операцијата се одвивала во две етапи
Офицерите со позивни ознаки „Монтана“ и „Тихи“ објаснија дека акцијата започнала со тивко приближување кон утврдена руска позиција. Украинскиот тим незабележано ги отстранил жиците за потклекнување и ја онеспособил комуникациската опрема на противникот.
По кратка размена на оган и преговори, тројца руски војници се предале уште првиот ден, откако украинците им гарантирале безбедност и медицинска помош.
Следното утро, украинската извидничка група се вратила со цел целосно да го расчисти положајот. Во една од земунките останале девет руски војници, кои одбивале да се предадат и продолжувале да пукаат.
„Ако не се предадете, тенкот доаѓа“ – блеф што ги скрши
Соочени со продолжен отпор, украинските војници прибегнале кон тактички блеф. Им соопштиле на руските војници дека кон нивната позиција се движи тенк кој ќе го уништи целиот заклон ако не го положат оружјето.
„Им кажавме дека тенкот е на пат – и ако не се предадат, ќе бидат закопани таму каде што стојат“, се присетуваат украинските извидници.
Заканата делувала. Рускиот вод, опколен и изолиран, попуштил. Преостанатите деветмина војници излегле од земунката и се предале, со што операцијата завршила без дополнителни жртви.
Украинската бригада истакнува дека оваа акција не само што спречила поголеми загуби, туку претставува пример за тоа како добро планирана, прецизно изведена и тактички креативна операција може да донесе значајна победа на терен без масовна употреба на сила.
Извор: Index.hr
