Кога станува збор за опрашувачи, пчелите добиваат најголемо внимание, но истражувачите открија дека нивните помалку гламурозни, но не помалку важни роднини се уште поранливи на урбанизацијата.
Тројца истражувачи од Одделот за биологија на Универзитетот во Шефилд го проучуваа влијанието на урбанизацијата во Велика Британија врз опрашувачите. Утврдено е дека урбаните пејзажи поддржуваат 43% помалку видови опрашувачи, при што најголем пад се забележува колку повеќе се приближуваат до центарот на градот.
Емили Елис, главен автор на студијата, која го спроведе истражувањето како дел од нејзината докторска теза, рече дека првично сакале да се фокусираат на пчелите бидејќи тие се „најхаризматичните“.
„Сепак, мојот интерес за молците го прошири истражувањето, а потоа коавторот Стјуарт Кембел вклучи оси мушички во работата. Тоа е интересната новина во ова истражување, вклучивме три различни групи опрашувачи кои се многу разновидни“, рече таа.
Истражувањето беше спроведено во текот на летото 2019 година кога Елис ги посети градините во Лидс, Лестер и Шефилд, во области со различен степен на урбанизација.
„Собиравме инсекти секој месец шест месеци на осум локации во секој град, па имаше многу возење“, додаде таа.
Нивните резултати се загрижувачки.
Тие открија дека за секои 10 проценти зголемување на непропустливите површини, како што се патиштата и зградите, имаше намалување на разновидноста на опрашувачите до 7,5 проценти.
Сепак, бројот на молци и мушички се намали значително повеќе од бројот на пчели.
„Претпоставуваме дека ова може да биде затоа што тие имаат посложени животни циклуси, па покрај цвеќињата, им се потребни и други видови ресурси за да растат“, рече Елисова.
Како можеме да ги спасиме опрашувачите?
Но, таа клучна ранливост нуди и можно решение. Ако градинарите и урбанистите ги земат предвид потребите на другите опрашувачи, постојат едноставни начини да се приспособат на нив.
„Сега сме многу добри во садењето цвеќиња за опрашувачи како пчелите, и тоа може да биде причината зошто не го забележуваме нивното опаѓање. Само треба да обрнеме внимание на другите инсекти, можеби да засадиме уште една грмушка или да направиме езерце, или нешто слично, за да им помогнеме и нив. Разновидноста на живеалиштата е најважна, ни треба цветен агол, дрво, неколку грмушки, парче некосена трева за да ги направиме тие простори разновидни и погодни за различни видови инсекти и животни“, објасни таа.
Како што рече, „многу е важно да соработувате и да разговарате со вашите соседи, семејство и пријатели и да ги охрабрите да го сторат истото“.
„Една градина или цветен агол е доста мал и речиси бескорисен, но кога ќе се создаде мрежа од луѓе кои се заинтересирани и вклучени, овие мали простори можат да станат голема мрежа на живеалишта на опрашувачи во градовите“, истакна научникот.
Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието „Proceedings B“ на Кралското друштво за биолошки истражувања, објави „Гардијан“.