На масата – слатка павлака, пица со четири вида сирење и една кутија чипс, „за секој случај“. Никој не мисли двапати. Зошто би? Тоа се вкусни, вообичаени задоволства. Но, под сè, се одвива нешто многу посериозно. Нешто што ни го обликува однесувањето – и тивко ни го менува мозокот.
Научниците сè погласно предупредуваат: храната што денес ја јадеме не е само храна. Таа е внимателно дизајнирана за да нè привлекува, да нè намамува и да нè задржи зависни. Мешањето на шеќер и масти, комбинација што ретко се среќава во природата, го „киднапира“ мозокот преку моќниот невротрансмитер – допамин. Тоа не е само чувство на задоволство. Тоа е сигнал до телото: „Направи го ова пак.“

„Кога ќе внесеме нешто богато со масти и шеќер, мозокот реагира слично како кога земаме никотин,“ објаснува д-р Александра ДиФеличеантонио, истражувачка од Вирџинија Тек. Допаминот скока дури до 200 отсто – мозокот нè наградува за нешто што го препознава како клучно за преживување, иако таа „награда“ е индустриски произведена.
Ова не е случајност. Од 1980-тите, производителите на храна го користат ова знаење за да создадат „ултра-преработени“ производи – богати со ароми, емулгатори, и идеално крцкави или кремасти. Тие не се наменети само да нè нахранат. Нивната главна цел е да нè натераат да посакаме уште. И уште.

Последиците веќе се чувствуваат. Истражувања покажуваат дека дури 14% од возрасните и 15% од децата покажуваат симптоми на зависност од храна – нешто што до неодамна беше речиси незамисливо. Дебелина, дијабетес, срцеви заболувања – и сè поголем број на луѓе кои се чувствуваат немоќни пред фрижидерот, се дел од пошироката слика.
„Јадев и плачев. Знаев дека не сум гладна, ама не можев да се сопрам,“ признава 34-годишната Мартина од Скопје. „Секогаш беше нешто благо. Или чипс. Секогаш имаше утре кога ќе престанам. Но утре никогаш не доаѓаше.“

Иако храната не се забранува, како што се забрануваат дрогите, експертите веруваат дека е време за нова свесност. За разбирање дека домашниот колач не е ист како индустрискиот десерт преполн со скриени шеќери и масти. Свесноста, велат тие, е првиот чекор кон ослободување од зависност што не доаѓа во шприц, туку во шарено пакување на полицата во маркетот.
Храната е тука за да нè згрижува – не да нè контролира. А можеби, најголемата слобода денес е способноста да кажеме: „Доста е.“
Извор: National Geographic