Јас тогаш не бев новинарка. Ги гледав епизодите со широко отворени очи, со впечаток дека тој свет е недостижен – гламурозните вечери, беспрекорните аутфити, бескрајните разговори за љубов, секс и живот. Но, она што остана во мене беше далеку поважно од модата: тоа беше храброста.

Не сум Кери. Не пишувам колумни за љубов во Менхетен, не носам Маноло Бланик во недела сабајле. Но она што го научив од неа е дека стилот не е во чевлите, туку во начинот на кој се носиш со себе. Во држењето на главата, во чекорот по улица, во способноста да ја раскажеш својата приказна гласно и без страв. Како што Кери некогаш рече – „I like my money right where I can see it – hanging in my closet“ – за мене тоа денес значи: сакам мојата самодоверба да биде таму каде што сите ја гледаат – во мојата работа, моите зборови, моите избори.
За цела една генерација, „Сексот и градот“ беше револуција. За прв пат четири жени слободно разговараа за желби, стравови, одлуки и компромиси – и тоа на телевизија. Го отворија просторот за женски глас кој не моли за дозвола, туку едноставно постои.
И денес, ако треба да се вратам наназад, пак би ги изгледала сите сезони. Не заради фустаните – иако тие сè уште се беспрекорни – туку заради потсетникот дека светот е твоја сцена, а чекорот е твојот потпис.
Затоа што, на крај, најубавата модна комбинација е онаа што ја носиме одвнатре: храброста и помалку лудоста!