Лебот е незаменлив дел од исхраната на многу луѓе, а изборот на видовите во продавниците денес е поголем од кога било – од интегрален и ржен до безглутенски варијанти. Сепак, многумина сè уште се одлучуваат за класичниот бел леб. Ако го јадете секојдневно, добро е да знаете какво влијание може да има врз вашето здравје и како паметно да го вклучите во урамнотежена исхрана.
Нутриционистката Кели Џонс истакнува дека здравствениот ефект од белиот леб зависи од личноста и нејзините цели. „Луѓе со интензивна физичка активност може да имаат корист од бел леб пред тренинг, додека дијабетичарите треба да бидат повнимателни поради ниската содржина на влакна и протеини“, објаснува таа.
Одредени здравствени состојби, како што е Кронова болест, исто така бараат исхрана со помалку влакна, па така белиот леб може да биде соодветен избор. Нутриционистката Стејси Робертс-Дејвис додава дека уживањето во квалитетен бел леб, како што е француски багет со маслиново масло и зачини, може да биде дел од урамнотежена исхрана, пренесува Parade.
Што се случува ако јадете бел леб секој ден?
Нутриционистката Алисон Бригам предупредува дека белиот леб, поради ниската содржина на влакна, брзо ја зголемува и намалува нивото на шеќер во крвта, што може да доведе до чувство на замор набргу по оброкот. Исто така, не обезбедува долготрајно чувство на ситост, па може брзо повторно да огладнете, што ја отежнува контролата на телесната тежина.
Ако се консумира заедно со исхрана богата со високо преработени намирници, белиот леб може да придонесе за лошо варење и нестабилна енергија. Од друга страна, ако се комбинира со извори на протеини и влакна (како зеленчук), неговото влијание може да биде многу поблаго.
При долготрајно консумирање, важно е да се внимава на составот на лебот. Избирајте верзии без додадени шеќери и адитиви. Сепак, за здравјето на срцето и превенција од дијабетес тип 2, експертите препорачуваат премин на леб од цели зрна, кој е побогат со влакна и хранливи материи.