Како се поддржуваме сами себе?

Периодов е доста комплексен и неудобен за многу луѓе, па така и за мене која се протегнувам низ ова непрекинато растење и се обидувам да видам што произлегува од него. При целиот стрес и сите нервози кои само никнуваат од различни страни, понекогаш помислувам дека животот станува невозможен со вакво темпо, а јас сум немала развиено добри стратегии за да се поддржам кога се случува некој таков непријатен период. Последици од тоа? Неквалитетен сон и исхрана, многу кафе, брзо чукање на срце и други здравствени проблеми кои се навидум мали, но му даваат знаци на организмот дека нешто треба да се менува.

Е, кога и самата почнав да ги чувствувам овие знаци, сфатив дека многу знам да зборувам за она што треба да го преземам за грижата за себе, ама во суштина не го правам тоа и прилично си се налутив. Механизмите за поддршка ми се нешто кое го читам и го разбирам наводно, ама не го применувам кога треба, па потоа ги гледам на себе последиците. Сепак, новата пролет ме тера да се инаетам и да барам подобро за себе, па не се откажувам кога забележувам дека треба нешто да променам, туку го пренасочувам кон тоа како да постапам поинаку за подобри резултати.

Животот не е книгичка со неколку реда популарна психологија, туку процес и бескрајна работа со трпението и себе, која не завршува и не носи брзи резултати. Се обидувам да забележам кои се алатките кои ми помагаат да се чувствувам подобро периодов, затоа што ги споделувам овие нешта со блиските пријатели и се обидуваме во нашите мали меурчиња да градиме некаква рамнотежа или пак да ја нарушиме, со цел да направиме нешто добро подобро, да исчекориме некаде. Еве некои од работите кои ги користам и ми годат:

  • Барањето помош и поддршка кога не се чувствувам најдобро: можноста да се потпрам на луѓето кои ми значат, кои се тука за мене и прават да чувствувам поврзување во моментите кога сум ,,исклучена” за мене е од исклучително значење. Не само што ми олеснува кога го споделувам товарот и емоциите од нешто доживеано, туку и ме враќа во реалноста и ме потсетува дека не сум сама. Кога ми е тешко, заборавам како и многу други луѓе дека сум сакана и дека некој се грижи за мене, токму тогаш ми треба тоа потсетување кое прави раните да почнат да се лекуваат што побрзо, кога сакам да се оддалечам и да се повлечам во себе.
  • Физичка активност: иако никогаш низ животот не сум била фан на многу движење, следејќи ги научните докази и факти почнувам сериозно да го разбирам било кој вид раздвижување и спортување како клучен за менталното здравје. Ова ми стана важно не само поради физичките придобивки, туку и менталното здравје и дисциплината која никогаш не сум ја имала, а почнува многу да ми годи. Една од најдобрите одлуки во последно време за себе беше таа да почнам со физичка активност, не само една, туку во различни форми, во зависност од тоа што ми треба во последно време
  • Разговор со психолог како желба за подобар развој: сите техники на регулација, постигнување поголем баланс, разбирање на себе, мир и слично се долги процеси кои сфатив дека нема да се случат преку ноќ. Некои од нив ќе траат и со години, но најважно од сè за нив ќе биде да се изгради трпение кое им овозможува да се случуваат, а најдобро се водат со некој кој е стручен за нив. Не мислам дека има ништо подобро од посветено инвестирање во својот мир и надминување на прашањето за одењето на психолог како табу тема. Тоа едноставно мора да се смени.
  • Читање: студирањето книжевност ме научи дека медитативниот чин на читањето е нешто бесценето од многу перспективи. Не само поради интелектуалниот момент преку приказната која ја следиме и тоа што го доживуваме преку неа, туку и смирувачкиот ефект на посветеноста кој доаѓа со читањето. Цел живот читам или наутро или пред заспивање за мирен сон, но откако одбирам да го правам тоа и на јавни места и во повеќе празни делови во денот, тоа ми носи поголем фокус и концентрација, смирување и баланс во денот кои ми се потребни.

Месецов одбрав да работам на вакви нешта кои за мене се суштински промени во процесот на активно поддржување на себеси. Особено како жени, ние сме растргнати меѓу милион обврски, очекувања и грижи, и затоа сметам дека најмалку што можам да направам е да не заборавам дека и јас сум подеднакво важна. Досега, малку климаво го разбирав ова, но веројатно самото пишување на текстов покажува дека е време повеќе да се посветам на тој процес, како и сите што во вртлогот на секојдневието само брзаат, брзаат, брзаат.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни