Истражувачите од „Johns Hopkins Medicine“ истакнале дека точните мерења на крвниот притисок зависат од правилната положба на рацете, што многу пациенти и медицински работници често го занемаруваат. Тие откриле дека одредени положби можат значително да го зголемат систолниот притисок, пишува New York Post.
Што е систолен и дијастолен притисок?
Систолниот притисок го мери притисокот во артериите за време на отчукувањата на срцето и претставува првиот, повисок број во мерењето на крвниот притисок.
Дијастолниот притисок, кој се мери помеѓу отчукувањата, е понизок број во мерењето.
Во истражувањето објавено во списанието „JAMA Internal Medicine“, научниците анализирале мерења на крвниот притисок кај 133 возрасни лица во три различни положби: рацете опуштени покрај телото, рацете потпрени на површина и рацете одморени во крило.
Резултатите покажале:
Кога рацете биле опуштени покрај телото, систолниот притисок бил повисок за 6,5 mmHg, а дијастолниот за 4,4 mmHg. Кога рацете биле одморени во скут, систолниот притисок бил повисок за 3,9 mmHg, а дијастолниот за 4 mmHg.
Доктор Теми Брејди, педијатриски епидемиолог и медицинска директорка на програмата за хипертензија во Дечем центарот на „Johns Hopkins“, изјавила дека овие отстапувања може да доведат до погрешна дијагноза на хипертензија, што резултира со непотребно препишување лекови кои можат да предизвикаат несакани нуспојави.
Препорачан начин на мерење на крвниот притисок
Американското здружение за срце препорачува следната положба за точно мерење на крвниот притисок: нозе рамни на под, грб потпрен на наслон на стол и раце потпрени на површина, со манжетна поставена на висина на средината на срцето.
Исто така, се советува да се избегнуваат цигарите, кофеинот и физичката активност најмалку 30 минути пред мерењето.
Категории на крвен притисок
- Нормален крвен притисок: систолен под 120 mmHg и дијастолен под 80 mmHg.
- Фаза 1 на хипертензија: систолен помеѓу 130 и 139 mmHg или дијастолен помеѓу 80 и 89 mmHg.
- Фаза 2 на хипертензија: систолен 140 mmHg или повеќе, или дијастолен 90 mmHg или повеќе.
Големина на манжетата и прецизност
Истражувањето објавено минатата година открило дека стандардните манжети за мерење на притисок често даваат неточни резултати кај лица на кои им е потребна различна големина, особено кај оние на кои им се потребни поголеми манжети. Медицинските работници најчесто користат манжети средна големина, што може да претставува проблем за пациентите кои мерат притисок дома.
Совети за намалување на крвниот притисок
За лица со висок притисок, стручњаците препорачуваат: редовно вежбање, урамнотежена исхрана, одржување здрава телесна тежина, престанок на пушењето.
Овие мерки можат значително да придонесат за зачувување на здравјето и превенција на хипертензијата.