Некои жени ги снемува. Тивко, без врева. Само ги снемува. Од местата каде некогаш се смееле. Од огледалото….
Зад нив остануваат оние кои ги сакаат. Останува чувството на вина и на немоќ. На бес, затоа што не сме направиле ништо. Како систем и како луѓе.
Во последниве четири години, 20 жени во земјава беа убиени од своите партнери. Од оние што некогаш им рекле „те сакам“. Од луѓето што ги бакнувале за добра ноќ, што им ги знаеле стравовите и соништата. За некои од нив нема ни судска постапка. Само тишина. И бројка- 20 жени.
Сите тие жени имаат име. Косата им била светла или темна. Некои од нив имале деца. Имале омилена песна, книга, дом…Имале луѓе кои ги сакале.
Во 2023 година, околу 51.100 жени и девојчиња ширум светот биле убиени од нивни интимни партнери, од нивните татковци, чичковци и браќа. 140 жени или девојчиња секој ден се убиени од луѓе кои ги знаеле.
Нивните убијци не се непознати ликови со криминално досие. Тоа се оние кои не поздравуваат во продавница. Ни велат „добар ден“. Нивните убијци им биле љубовници, сопрузи, татковци. Луѓе на кои еднаш им верувале.
Ова не е текст за смртта на сите овие жени. Ова е приказна за тоа колку тивко исчезнува женскиот живот. Како институциите молчат. Како љубовта се претвора во оружје.
Случајот на Росица од Велес не беше несреќа. Не беше „љубомора“, „афект“, „семејна кавга“. Тоа беше убиство. Двојно. Страшно. Убиство на кое таа со месеци предупредувала. Барала помош. Гласно. Јавно. Барала заштита. Се плашела. Институциите знаеле, но не направиле ништо. Или барем не направиле доволно за да ја спасат неа исто како и многу други жени чии животи веќе имаат истечен рок на важност во очите на државата.
Одложената заштита на Росица, стана дозвола за убиство.
Ден потоа ќе се отвори истрага. Ќе се пишува по медиуми. Ќе има краток момент на „сочувство“ и шок. Но Росица нема да се врати. Ниту оние 20 други убиени жени. И уште полошо, ние ништо нема да научиме.
Овие 20 убиства не се лични трагедии. Ова се системски убиства, дозволени со игнорирање, затворање очи и минимални казни. Ниту една од тие казни нема да им го врати гласот на жените што одамна никој не ги чул.
Последниот случај не е само случај на фемцид. Тоа е и порака што ја испраќаме како општество. За тоа како реагираат институциите кога жената ќе каже „помогнете ми“. Ова е уште една порака за тоа дека женската болка е невидлива за општесвото и за системот се додека жената не биде мртва.
Не ја познавав Росица. Не ги познавав ниту другите жени. Но сите тие се во мене, во сите нас. Во секоја пријателка што се повлекува од друштвото „поради љубов“ од партнерот. Во секоја мајка што се обидува да им објасни на своите ќерки како да бидат силни, кога светот постојано ги потсетува дека силата не им е доволна.
Приказната за Росица е приказна за жените кои се борат како лавици, но за жал не успеваат. Приказна за жртвите на институциите и на општеството во кое живееме.
Се прашувам кога конечно ќе престанеме да ги броиме убиените жени и ќе почнеме да ги слушаме додека се живи?
Што ќе им кажеме денес на нашите ќерки ? Дека треба да трпат? Дека дури и кога ќе побараат помош, некој ќе треба прво да умре за државата да направи нешто?
И што треба да си кажеме себе си? Дека не успеавме повторно? Не успеавме да ги препознаеме оние кои можат да не повредат, не успеавме да ги натераме институциите да не слушнат? Дека не успеавме да бидеме доволно гласни пред уште една од нас да исчезне?
Она што знам е дека нема да има правда додека молчиме.
Време е да ја промениме приказната. Да ги слушаме жените сега, додека се тука. Додека бараат помош.
Затоа ќе бидеме гласни. Затоа што со секоја жена што исчезнува, исчезнува и дел од нас. И секоја што ќе исчезне утре, ќе биде доказ дека повторно не сме направиле ништо.