Како (не) функционира забраната за движење во шумите – институциите и планинарите во лавиринт без насоки

Во услови кога климатските промени и човечкиот фактор сè повеќе го зголемуваат ризикот од шумски пожари, државата одговара со стари мерки: забрана за движење во шумските подрачја. Иако оваа одлука има логична цел – заштита на шумскиот екосистем, таа повторно се спроведува без доволно транспарентност, без јасно означени подрачја, без инфо-табли, и – најважно – без системски одговор на терен.

Претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиновски, предупредува дека забраната не се спроведува доследно: нема контролни пунктови, нема информативни табли, дозволите не се издаваат навреме, а шумската полиција честопати нема дури ни официјални упатства.

Од друга страна, директорот на ЈП Национални шуми признава дека дел од возниот парк е застарен, а новата технологија, како дронови и системи за рано известување, сè уште не е активно применета.

И покрај тоа што поставивме прашање до ЈП Национални шуми за тоа на кои точно подрачја се однесува оваа забрана, не добивме одговор – што ја зголемува правната и комуникациската конфузија на терен.
И двата соговорника се согласни: без теренска инфраструктура, добра сигнализација, обучен кадар и јавна едукација, забраната останува симболична мерка.

Во ситуација кога пожарите годишно зафаќаат сè поголеми површини – време е државата да престане да „дува на ладно”, и конечно да воспостави модерен, ефективен, превентивен систем на заштита, кој ќе ги спои технологијата, одговорноста и граѓанската свест.

Во продолжение – ставовите на директорот на ЈП Национални шуми и претседателот на ПК „Љуботен“ околу оваа (не)заштитна мерка.

Здравко Трајанов

„Јавната установа Национални шуми ја воведе забраната за движење во шумите и шумските подрачја како превентивна мерка во услови на зголемен ризик од шумски пожари. Основната цел на оваа мерка е заштита на шумскиот фонд, на животната средина и на безбедноста на граѓаните.

Спроведувањето на оваа забрана е заедничка обврска на повеќе институции – шумочуварската служба на Национални шуми, Шумската полиција, МВР, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Нашите екипи спроведуваат секојдневни патроли, поставуваат набљудувачки точки и се вклучени во координација со другите служби на терен.

Забраната се однесува на сите шуми со кои стопанисува ЈП Национални шуми, додека за националните паркови и другите заштитени подрачја, надлежни се управувачите на тие области. Исклучоци од забраната се предвидени само за институциите и лицата кои имаат конкретна функција или писмено одобрение за работа во шума.

Иако постои систем за набљудување и дејствување при појава на пожари, мора да признаеме дека дел од опремата е застарена и недоволна, а нови технологии како дронови сè уште се во фаза на имплементација.

Сметаме дека забраната сама по себе не е доволна – потребна е и силна јавна едукација и свесност кај граѓаните, за што редовно се организираат кампањи преку медиуми, социјални мрежи и директна комуникација со луѓето на терен.

Апелираме до граѓаните да бидат внимателни, да не палат оган на отворено, да не фрлаат отпушоци или стаклен отпад во шума, и во случај на забележан пожар веднаш да пријават на 122. Ова е колективна одговорност и само со соработка и дисциплина може да ја намалиме штетата што ја предизвикуваат шумските пожари“, изјави Здравко Трајанов, директор на ЈП Национални шуми.

Јован Божиновски

„Како планинарски клуб што со децении е активно присутен на македонските планини, го разбираме и поддржуваме мотивот зад забраната за движење во шумите – а тоа е заштита од пожари, особено во летниот период кога ризикот е највисок. Но, начинот на кој се воведува и комуницира оваа забрана остава многу прашалници и создава конфузија кај планинарите, рекреативците и љубителите на природата.

Всушност на оние, кои низ годините и ја чувале природата.

Неопходно е транспарентно и јасно да се прецизира на кои подрачја и во кои шумски појаси точно се однесува забраната. Не може во еден ден да се објави мерка без притоа да има никаква сигнализација на терен, табли, информации на веб-страници, или достапни мапи, кои ќе го информираат граѓанинот каде навистина важи забраната.

Исто така, во практика гледаме дека нема систем за брзо и функционално издавање дозволи за исклучоци, какви што се планирани и најавени престои во планинарски домови или организирани акции. Имаме информации од планинари кои побарале потврда за движење од шумска дирекција, но им било речено дека немаат ниту официјален маил добиено за оваа забрана, па не можат да издадат никаква дозвола. Ова создава парадокс – забраната постои, а нема механизам кој ја регулира.

Сега барем имаме многу механизми за електронско пријавување и добивање на повратна потврда, што може да ја олесни работата, на сите засегнати страни.

Понатаму, мора да се укаже на фактот дека нема доволно чувари на терен кои би ја спроведувале оваа мерка на ефективен и безбеден начин, ниту има развиена инфраструктура за превенција од пожари, како што е практика во бројни европски земји – каде има подземни системи за акумулација на вода, безбеносни камери, набљудувачки точки, системи за брза реакција. Наместо тоа, се сведуваме на „забрана за движење“ како главна алатка за заштита – што е недоволно и не дава долгорочни резултати. Јасна ни е состојбата во институциите, од немање на човечки ресурси, средства и финансии, но не можеме да очекуваме дека со ‘дување на ладно млеко’ ќе спречиме пожар – потребен е сеопфатен систем на превенција, едукација, навремено информирање и инфраструктура, којшто сè уште го немаме.

Сезоната на пожари веќе трае и според досегашната пракса, секоја година површината на опожарени подрачја се зголемува. Ја поздравуваме најавата од ЈП Национални шуми за нова опрема и трансформација на системот за гасење пожари, но апелираме итно да се работи и на комуникацијата со јавноста, теренска сигнализација и воспоставување на правно-функционален механизам за издавање дозволи во реално време. Исто така апелот го упатуваме и до сите љубители на планината, планинарењето и планинските спортови, да имаат разбирање за воведување на оваа состојба од страна на институциите и да помогнеме колку што можеме, со цел да се намалат сите опасности кои може да се случат на планина“, вели од друга страна Јован Божиноски, претседател на ПК „Љуботен“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни