Изгледот на Тутанкамон: Научници го оформија лицето на момчето фараон

Благодарение на современите технологии, меѓународен тим експерти со досега најголема прецизност го „оживеа“ лицето на египетскиот фараон Тутанкамон. Научници од Бразил, Австралија и Италија, со помош на дигитален модел, го реконструирале лицето на Тутанкамон врз основа на неговиот мумифициран череп. Со оваа метода е добиена најточната физиономија на лице на фараонот кој умрел како тинејџер пред повеќе од 3.000 години.

Бразилскиот графички експерт Цицеро Мораес, кој е коавтор на студијата, рече дека Тутанкамон личи на млад човек со нежни црти.

„Гледајќи го добиениот приказ сфаќаме дека се работи за млад човек. Според изгледот, смртта настапила кога бил на возраст од дваесетина години. Тоа дополнително и дава тежина на неговата историска фигура“, рече Мораес.

Во гробницата на познатото „момче крал“ покрај неговите останки се откриени и многу вредни предмети, кои ги пронашол британскиот археолог Хауард Картер во 1922 година во египетската Долина на кралевите.

Ова не е првпат научниците да се обидат да го реконструираат лицето на младиот фараон. Првите обиди, со тогашната технологија, беа направени во 2005 година. Според Мајкл Хабихт, египтолог и археолог од Универзитетот Флиндерс во Австралија, кој е коавтор на студијата, има многу сличности меѓу двете реконструкции. Сепак се чини дека последната е многу поавтентична, бидејќи технологијата со која е изработена дозволува голема прецизност.

Кој бил Тутанкамон

Тутанкамон е египетски фараон (1333-1323 г. пред нашата ера) од осумнаесетта династија.

Дошол на престолот на околку осумгодишна возраст и бил советуван да се пресели назад во Мемфис од Ахетатон, градот на таткото на неговата сопруга и негов претходник, Ахенатон. За време на неговото владеење била вратена традиционалната религија по реформите на Ахенатон. Кратко пред неговата смрт, сѐ уште во своите тинејџерски години, Тутанкамон испратил војска во Сирија со цел да обезбеди помош за сојузот против една група поврзана со хетитите.

Бидејќи неговото име било меѓу „проколнатите“ на кралските списоци на 18 династија, локацијата на неговиот гроб била заборавена, а просторијата во која бил закопан не била отворена сѐ до 1923 година, кога била пронајдена од страна на Хауард Картер (1873-1939). Благодарение на неговите богатства, Тутанкамон, веројатно, останал најпознат меѓу фараоните и покрај неговата рана смрт и ограничените остварувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни