Како ме инспирира Ивана

Сакам да напишам колумна. За да напишам нешто морам прво да прочитам нешто, нешто инспиративно си викам. Понекогаш ми требаат пасуси што ќе ми ја спуштат вревата во мислите. А понекогаш барам само една реченица, воглавно си барам инспирација.

И така, развртувајќи низ страници на книги, скролајќи по социјалните мрежи наидов и на последните зборови кои ги има напишано Ивана. Искуството со читањето на нејзините колумни обично ми е вакво – одам на саем, отворам на „Трн“ и – Ивана напишала веќе за искуството на Саемот за книга и за најубавите книги кои биле изложени. Периодот кога бев затворена во себе, Ивана имаше напишано за тоа како да се тргнеме од социјалните мрежи и да се отвориме кон светот. Додека овие денови, кога мислев дека веќе сум престрога кон себе и дека е време наместо само да се поправам како недовршен проект – време е да помислам на себе – тогаш, барајќи, ја пресретнувам последната колумна на Ивана:
„Белешки за растењето (никој не рече дека ќе биде лесно)“.

Верувам дека не е лесно кога дојде време сè да биде збунка.
Зошто е збунка?
Затоа што сакањето и емпатијата ги помешавме со она што во главата имаме замислено дека треба да биде, или треба да се прави, и тогаш бегаме од себе си. И на крај се доведуваме во ситуација да не се бориме со ништо што е надвор – туку да водиме борба внатре.

За да освоиме нешто: љубов, внимание, пет минутки насмевки – се нудиме безусловно. И остануваме да бидеме сами со понудата во рака и без прифаќање. Зошто? Затоа што никој не ја ни побарал нашата понуда за љубов. И тогаш ни станува тешко.
Тешко е само кога наидуваме на отпор. А љубовта, нели, не е отпор?
Таа е сè освен отпор.
Кога се сака – не се заборава, не се избегнува и не се бега.

Кога сакаме некого, ветуваме дека на секој проблем ќе најдеме и решение. Ветуваме дека ќе чекаме, и знаеме дека ќе вреди.
Ама, како и старата добра народна:
„Вода и совет се дава на тој што бара“, така некако и со љубовта.
Може тоа да не се прави одблизу.Тешки се луѓето за сакање ако сами не се сакаат – или вас не ве сакаат. Кога сте во таква ситуација: само чекор наназад.
И сакајте од далечина.

Клише ми е да зборувам за љубов. Ама не е клише кога си во љубов. Комплиментот од некој што ти е туѓ ти е грд, па дури и понекогаш страшен. Ама кога доаѓа од некој што ти е мил, тогаш ти се лепи за срце. Поддршката од некој кој што ти зборува со љубов, ти е лек. А од некој што не, те тера на самотија и изолација.

Никој не рече дека ќе биде лесно.
Ама е лесно ако ги имаш вистинските луѓе покрај себе.
И ако на крајот од денот – ја имаш Ивана да пишува.

Разликата помеѓу „сакам“ и „не сакам“ е „ќе направам“ или „не правам“.
Ете таква ви е Ивана што ја читате секоја седмица – таа никогаш не заборава.
Затоа што сака.

Ова е колумната. Можеше и да се вика „Како да се сака од далечина“,
ама се вика вака – заради поставеноста на веб-страницата и за да може веднаш кога ќе го прочитате насловот, под него да ја видите Ивана.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни