Ракот на дојка останува најчест малигнен тумор кај жените и водечка причина за смртност. Статистиката покажува дека една од осум жени ќе се соочи со ова заболување во текот на животот. Најчесто се јавува кај жени на возраст меѓу 50 и 60 години, но болеста не заобиколува ниту помлади пациенти.
„За рак на дојка не постои примарна превенција, но раното откривање значително го продолжува животот“, пишува м-р д-р Светлана Темелковска, специјалист радиолог и претседател на Македонското здружение за радиологија на дојка за Лекарсото списание VOX.
Во 2016 година, Министерството за здравство ја воведе организираната скрининг-програма за жени од 40 до 69 години кои немаат направено мамографија во последните две години. Сепак, опфатот е нисок поради недоволна информираност и недоволна координација помеѓу матичните лекари, радиолозите и хирурзите.
Еден од клучните столбови за рана дијагноза е мултидисциплинарниот пристап преку тумор борд, каде се разгледува секој случај од сомнеж за болеста до третманот. Од 2024 година, овие состаноци се одржуваат и на ЈЗУ Универзитетскиот институт за радиологија, иако нивното спроведување е понекогаш отежнато поради недоволна електронска евиденција.
Новиот систем, воведен во 2022 година во „Мој термин“, овозможува групирање на жените во три категории: асимптоматски, со клинички симптоми и жени оперирани од рак на дојка. Радиологот може веднаш да издаде упат за сите потребни дијагностички испитувања, што го скратува времето од дијагноза до операција на околу седум дена.
Предизвици и можности за подобрување
Еден од најперспективните предлози е воведување на „One Stop Clinic“, каде жената со клиничка слика веднаш би била прегледана, дијагностицирана и добила сите потребни упати. Овој модел веќе е успешен во многу европски земји.
Регистарот за малигни заболувања, кој сè уште не постои, е клучен за точни податоци за возраста на пациентките и преживувањето, што е индикатор за ефективноста на скрининг-програмата.
„Нашата цел е да се зголеми опфатот на жените до 70%, да се обезбеди континуитет во соработката меѓу сите чинители и да се направи реална статистичка анализа на инциденцата и морталитетот“, додава Темелковска.
Искуствата од Европа укажуваат и на потребата од психолошка поддршка по третманот, персонализиран скрининг базиран на ризик-фактори и користење на вештачка интелигенција за толкување на мамографиите.
Заклучокот е јасен: раното откривање останува најефикасната алатка за намалување на смртноста, а едукацијата на кадарот, современата опрема и мултидисциплинарниот пристап се клучот за успешна иднина.
Извор: VOX