2024 година беше година на глобални предизвици и локален конформизам. Година на економски кризи и политички тензии, каде културата ни понуди нови перспективи, не инспирираше со позитивни промени, прогресивни и креативни идеи и проекти, современи урбани движења и културно-уметничка продукција на младите уметници. Годината која измина ја децентрализираше културата, ни донесе нови „свежи“ проекти и ги возобнови оние кои со нетрпение ги очекувавме. 2024 беше година на „Македокс“ и на „Синедејс“. Година на „Војдан Чернодрински“ и на „Скопје Џез Фестивал„ , на „Офф Фест“ и на „Таксират“, но и година во која се роди Платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ која стана генератор и иницијатор на дружење, креативна и конструктивна соработка на младите. Година во која џезерите добија свои простории и станаа признати за својот ентузијазам, упорност и истрајност во љубовта кон џезот и културата. Година која ни го донесе првото издание на фестивалот Комшилоок, мултимедијален уметнички проект кој ја децентрализираше културата во Скопје, анимирајќи ги урбаните решенија низ градот и негувајќи го чувството на заедништво. Во 2024 ги следевме младите уметници кои креираа мурали на македонски во склоп на проектот „Цртај на македонски“, го гледавме македонскиот филм „Убиј ги прво децата„ и премиерите низ театрите…
Година во која ја видовме креативноста на уште едно издание на СКОМРАХИ, упорноста и тврдоглавоства на МОТ, истрајноста на „Здраво Млади“ фестивалот на независната сцена и уникатниот уметнички настан „Под земја полесно се дише“ кој стана култно обележје на независната уметничка сцена.
Годината која измина беше многу нешта, но културата беше таа која не движеше, не инспирираше и не водеше.
„Трн“ направи пресек на најдоброто од културата во 2024 година.
Годината ја започнавме со еден проект што на сите нас во Трн интимно ни значеше многу, затоа што ја имавме приликата од самиот почеток да бидеме дел од визијата на нашиот колумнист Мирко Попов, кој само неколку месеци подоцна трагично не напушти. „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“ е платформа креирана од дискографската куќа ПМГ Рекордингс од Скопје, со мисија да регистрира, ангажира и промовира квалитетни, автохтони младински движења, сцени и поединци од Македонија. Замислена како квалитетен пресек на најубавата и најпаметна македонска младина на почетокот на 21-виот век, оваа платформа цели да биде генератор и иницијатор на дружење и (интер)генарациска, креативна и конструктивна соработка, во правец на подигнување на квалитетот на животот на младите, преку нивно динамично ангажирање во областа на културата и уметноста. Во овој контекст, платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ги препознава прогресивните и креативни млади луѓе, кои со своето творештво и делување во јавната сфера ги носат и промовираат напредните вредности. Во насока на документирање и издавање на македонска музика, платформата понуди две нови музички изданија за ПМГ Рекордингс. „Поп Култура“ е албум-компилација која излезе на винил и која преставува пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Свој прв аудио запис доби и средношколскиот музички состав „Црно Собрание“ како дигитално издание.
Јануари ни го одбележа Националниот џез оркестар со својот прв концерт насловен „Jazz Nova“ во просториите на Националната опера и балет. Концертот беше еден вид симбиоза на биг бенд творештвото на истакнати македонски џез автори од повеќе генерации, и со него свечено беше одбележан почетокот на концертната сезона на Оркестарот. Во април, џезерите во паркот “Ибни Пајко,” Скопје го славеа џезот заедно со Скопјани. На целодневен настан со врвни џез музичари и во организација на Националаниот џез оркестар се одржа осмото по ред издание на целодневниот џез хепенинг, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот.
Во март, организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата од солидарност. По ова следуваше муралот во Прилеп и уште два мурали во Кичево и во Скопје. Муралите се дел од проектот насловен како „Цртај на македонски јазик.“
Во јуни во Населбата Железара се роди првото издание на фестивалот Комшилоок, мултимедијален уметнички проект кој ја децентрализира културата во Скопје, правејќи подвизи да ги анимира урбаните решенија низ градот, воедно негувајќи го чувството на заедништво. Комшилоок е фестивал каде што креативноста се среќава со заедницата – калеидоскоп на музика, танц, театар и уметност токму во населбата Железара. Комшилоок не е само фестивал. Тој истражуваше нови идеи, поттикна идеи и работеше на тоа да се создаде комшилук на кои ќе сме горди, сега, а најважно и во иднинина. Овој фестивал е потсетник на живиот дух на нашата заедница, важноста да се здружиме и радоста да се доживее нешто навистина посебно токму во нашиот сопствен двор. Комшилоок ги трансформира неочекуваните локации во центри на креативност и инспирација и ја пронајде уметноста и нејзината убавина во навидум најобичните места, позади зграда, пред влез, на балкон…
Во јуни во Скопје, градот кој пулсира помеѓу незадоволството и желбата за културен прогрес, беше домаќин на уште едно, 23. издание на СИНЕДЕЈС – Меѓународниот фестивал на европски филм. Организиран од Младинскиот културен центар, овој фестивал веќе две децении се стреми да го отслика нашето културно наследство и да ги донесе европските филмски проблесоци во нашето секојдневие. Со секоја проекција и секоја дискусија, СИНЕДЕЈС го поставува Скопје на глобалната културна мапа, покажувајќи ја нашата уникатност и потребата за културно изразување во овој несовршен свет.
Во Прилеп пак се одржа 58- то издание на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински, кој беше отворен со претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар. Овој фестивал е познат по својата иновација и стремежот да прикаже различни театарски форми, не само во институционалните, туку и во вон институционалните простори низ градот. Од плоштади до помали форми во кафулиња и герила претстави, фестивалот го трансформира Прилеп во театарска сцена. Концептот на годинашното издание беше „ново читање“, со посебен фокус на делата од Горан Стефановски.
Крајот на јуни во Дојран го одбележавме „Д Фестивал“ со спектакулерн настап на хрватскиот бенд „Елементал“, африканската дива Фатумата Диавара, одличните „Џокер Аут“ од Словенија, Сама Албулхади, амблемот на палестинската андергаунд сцена и италијанската техно ѕвезда Дебора де Лука, како и многу други домашни и интернационални артисти. Дојран тој викенд беше мал ама силен магнет за стотици интернационални, регионални и локални артисти, уметници и љубители на добра музика.
Во август со нетрпение го дочекавме новото јубилејно 15-то издание на „Македокс“ во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и Лабораториум под мотото „Копање емоции низ времето“ посветено на архивите, на тоа скапоцено наследство што нè претвора во времепловци како ретко што друго. „Македокс“ годинава преку филмското платно патуваше низ времето и копаше во емоциите на сите нас.
Септември не пречека со Летната сцена „Славиша Кајевски“ и изведбата на претставата „Црнила ремикс“ – хип-хоп интерпретација на класичното дело од Коле Чашуле, режирана од Јордан Симонов и продуцирана од Младинскиот културен центар (МКЦ). Летната сцена именувана во чест на актерот Славиша Кајевски беше отворена до 2 октомври. Свеченото отварање започна со гласот на актерот Славиша Кајевски како изговара реплики на ликовите од драмите во кои играше на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ). Во градот на кој му недостасуваат културни настани, летната сцена и тетатарот во комбинација со музичкиот дел беа ново и убаво доживување. Магијата на театарот во септемвриските вечери донесе многу публика во театарот под отворено небо.
Октомври традиционално го освои Скопскиот Џез Фестивал кој годинава ја донесе извонредната Сесил Меклорин Салвант , домашните „Next to silence“, маркантинот Роб Мазурек, бендовите „Rodrigo amado the bridge“ и „The end“, пијанистот и композитор Давид Вирелс и саксофонистот, гитарист и вокалист Алабастер Деплум.
Во МКЦ се одржа 49-то издание на Млад Отворен Театар – МОТ, со театарски настани, претстави, работилници… Фестивалот се отвори со минатогодишните победници, независната продукција, театарот „Златен Елец“ и претставата „Хинкеман“ по текст на Ернест Толер, во режија Тамара Стојаноска.
Упорни и истрајни „Здраво Млади“ фестивалот на независната сцена и овој пат полн со одлични музичари, со нова, свежа и квалитетна музика која не е жанровски ограничена. Годинава фестивалот се одржа на денот на Народното востание на македонскиот народ, 11 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со 17 различни музички артисти од 6 земји од Европа. Вистинско изобилство од млади музички таленти. Фестивал од млади за млади. Пред отворањето на фестивалот бeше презентиран и муралот насликан од холандскиот уметник Јорен Џошуа.
Ноември го започнавме со Скомрахи – дом на студентите од европските драмски и филмски академии. Годинешното 32 издание на Скомрахи донесе на сцена 6 претстави, 8 филмови, изложба, музика, прошетка, разговори по претставите, забави и работилница. Годинава Скопје беше домаќин на студенти од повеќе европски драмски и филмски академии кои поставија различни претстави на повеќе локации во Градот Скопје: академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Младинскиот културен центар и „Котур кафе и филм“.
Кон крајот на месецот бевме дел од 11. издание на ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал, најзначајниот ваков настан во регионов. Во рамките на тридневниот музички ,,саем”, во Скопје пристигаа повеќе од 500 делегати, професионалци од музичката индустрија и експерти од целиот свет, а се одржаа околу 60 концерти. ПИН е единствен интернационален настан кој го претвора Скопје во центар на европската музичка индустрија, ги поврзува сите релевантни двигатели на сцената и ги поместува границите нудејќи разновидна палета на жанрови преку своите панели, работилници и перформанси. ПИН е прослава на трансформативната моќ на музиката, каде што се споделува знаењето, се создаваат мрежи на идна соработка и одекнува ритамот на креативноста.
По ПИН бевме на уште едно одлично издание на „Таксират“, а годината ја затворивме во декември со уникатниот уметнички настан „Под земја полесно се дише“. Настанот кој стана култно обележје на независната уметничка сцена, повторно ги зближи љубителите на уметноста и добрата музика под скопското небо, каде што, како што велат организаторите, „полесно се дише во тазе јаглерод диоксид отколку во ладен скопски смог“. „Под земја полесно се дише е ( самофинансиран ) мултимедијален фестивал кој што се одржува еднаш годишно, ( со пауза за време на короната ) веќе 10 години по ред. Секоја година се одржува на истото место, во подземните гаражи под Плочник.
Да не ги заборавиме и Планинскиот Филмски Фестивал, Фестивалот во Галичник, „Ѕирни“ во Котур, Филмските фестивали кои летово ни ја донесоа магијата на филмот во Струмица, Охрид, Струга… Изложибите и концетите. Премиерите на извонредните претстави „12“ на Синиша Ефтимов, „Марта Верина„, „Хеда Габлер“, филмот „Убиј ги прво децата“ и многу други…
И да, навистина, кутурата е таа која ја „носеше“ харизмата на 2024 година…