Акциите на компанијата пораснаа за 21,82 долари (21,20 евра), што претставува раст од 6,82% во однос на претходното затворање од 341,80 долари (332 евра). Овој скок се совпаѓа со наглото зголемување на бројот на корисници кои учат мандарински, што се поврзува со растечката популарност на кинеската социјална мрежа RedNote, конкуренција на TikTok, кој се соочува со потенцијална забрана на американскиот пазар.
Компанијата за CNBC потврди дека бројот на корисници кои учат мандарински преку апликацијата се зголемил за 216% во споредба со претходната година. За споредба, шпанскиот, еден од најпопуларните јазици на Duolingo, забележа раст од 40% во истиот период.
RedNote, познат како Xiaohongshu во Кина, стана најсимнуваната бесплатна апликација во Apple Store и ја задржа таа позиција поголемиот дел од изминатата недела. Меѓу првите пет апликации се и Lemon8 на TikTok, американската социјална мрежа Clapper, ChatGPT од OpenAI и Threads од Meta.
Минатата недела, Врховниот суд на САД ги сослуша претставниците на TikTok кои се обидуваат да ја задржат апликацијата на американскиот пазар. Сепак, судиите покажаа склоност кон потврдување на закон што би ја забранил работата на популарната апликација.
RedNote е најголемиот добитник од „егзодусот“ на американските корисници од TikTok, со зголемување на преземањата за 20 пати само во последната недела, според податоците на аналитичката компанија Sensor Tower.
Портпаролот на Duolingo изјави за CNBC дека маркетинг тимот на компанијата е „стратегиски фокусиран на иднината“ и дека веќе активно работи на RedNote, благодарение на тимот на Duolingo во Кина.
Duolingo нуди онлајн и мобилни курсеви за 42 јазици. Според нивната веб-страница, платформата има 48,8 милиони корисници кои учат шпански. Францускиот е вториот најпопуларен јазик со 27,3 милиони корисници, додека кинескиот е на осмото место со 10,7 милиони корисници.
Минатата година, акциите на Duolingo пораснаа за 43%, што значително го надмина растот на индексот Nasdaq, кој изнесуваше 29%.