Како ќе одговори Европа ако Трамп тргне кон преземање на Гренланд?

Франција и европските партнери работат на заеднички план доколку САД се обидат да го преземат Гренланд. Заканите на Доналд Трамп ја тестираат кохезијата на ЕУ и НАТО.

Франција, заедно со своите партнери, работи на план за одговор во случај Соединетите Американски Држави да почнат со реализација на својата закана за преземање на Гренланд, изјави во средата француски министер, додека Европа се обидува да се справи со амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот.

Американско воено преземање на Гренланд од долгогодишниот сојузник Данска би ги разбранувало односите од двете страни на Атлантикот, би предизвикало силни потреси во НАТО и дополнително би го продлабочило јазот меѓу Трамп и европските лидери.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, изјави дека темата ќе биде отворена на состанок со министрите за надворешни работи на Германија и Полска подоцна во текот на денот.

„Сакаме да преземеме мерки, но тоа сакаме да го направиме заедно со нашите европски партнери“, изјави тој за радиото France Inter.

Лидерите на водечките европски сили и Канада оваа недела се обединија околу Гренланд, истакнувајќи дека овој арктички остров им припаѓа на неговите жители.

Трамп во последните денови повтори дека сака да преземе контрола над Гренланд – идеја што првпат ја изнесе во 2019 година, за време на неговиот прв мандат во Белата куќа. Тој тврди дека островот е клучен за американската воена стратегија и дека Данска не прави доволно за негово обезбедување.

Белата куќа во вторникот соопшти дека Трамп разговара за различни опции за стекнување на Гренланд, вклучувајќи и потенцијална употреба на американската војска, и покрај противењето од Европа.

Баро сугерираше дека шефот на американската дипломатија ја исклучил можноста за воена операција.

„Вчера лично разговарав со американскиот државен секретар Марко Рубио, кој потврди дека тоа не е пристапот што е усвоен… ја исклучи можноста за инвазија (на Гренланд)“, изјави Баро.

Американската воена операција за време на викендот, во која беше заробен претседателот на Венецуела, предизвика загриженост дека Гренланд би можел да се соочи со слично сценарио.

Висок американски функционер, кој зборуваше под услов на анонимност, изјави оваа недела дека Трамп и неговите советници разгледуваат различни начини за стекнување на Гренланд, вклучувајќи и купување. Гренланд и Данска, пак, порачаа дека островот не е на продажба.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговата колешка од Гренланд, Вивиан Моцфелдт, побараа итен состанок со Марко Рубио за да се разговара за ситуацијата.

„Би сакале во разговорот да внесеме малку финеса“, напиша Расмусен на социјалните мрежи. „Викањето и расправиите мора да му отстапат место на дијалогот. И тоа веднаш.“

Извор: N1 info / Hina

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни