Зошто јануари стана месец за преживување?

Јануари нема катарза. Нема пресврт. Нема поента, нема лекции за учење и наравоучение. Нема хепи-енд. Само преживување. А понекогаш и тоа е доволно.

Јануари секогаш ми бил најдолгиот месец во годинината. Најтемен и најтежок. Месец кој никогаш не доаѓа со драма, ниту пак со некои големи очекувања. Обично само тивко се спушта како втор чин по сета новогодишна празнична еуфурија.

Ако треба да му најдам боја тоа би била сива. Јануари е сив. Не онака поетски, туку практично. Сиво небо, сиви улици, сиви денови што личат еден на друг толку многу што престанувам да ги разликувам. Станувам, одам, работам, се враќам, легнувам, станувам… Функционирам. И токму тоа е проблемот.

Не е депресија. Ама не е ни добро. Се си е тука, ама како со исклучен звук.

И додека сите зборуваат за нов почеток, нови цели и нови верзии од себе, мене и понатаму не ми е јасно како некој очекува од јануари да биде месец на мотивација?

Сонцето излегува доцна, колку да се каже дека постои. Се будам со небо без сина боја. Се враќам дома без зајдисонцата на запад. Уморна сум од сите 30 денови. Од студ. Од викенди без сонце. Од сиви улици и денови кои немаат крај.

Јануари не е месец што ме крши, само е месец што ме празни. Не бара ништо од мене. Ниту да бидам подобра, поуспешна, похрабра. Јануари е едноставно е месец за преживување.

Новата година доаѓа секогаш со листи, апликации за добри навики, совети како да станеш „најдобрата верзија од себе“. Годишни хорскопи со многу ентузијазам. Со очекувања за нова блескава година… Иронично е што месецот со најмалку светлина доаѓа со најмногу притисок да се блеска.

Не сакам јануари да ме натовари со сите тие очекувања. Сакам само да ме остави на мир. Во ред е и ако ништо не „се случува“.

Можеби феминизмот во јануари изгледа вака: да си дозволам да не сум беспрекорна. Да не се извинувам што сум бавна и нерасположена. Да не пробувам да морам „повеќе“. Да си признаам дека и преживувањето е форма на отпор.

Јануари нема катарза. Нема пресврт. Нема поента, нема лекции за учење и наравоучение. Нема хепи-енд. Само преживување.

А понекогаш, искрено, тоа е доволно.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни