Лековите за дијабетес и слабеење, познати под заедничкото име како агонисти на GLP-1 рецепторите, станаа глобален феномен поради нивната потврдена ефикасност.
Во 2024 година, околу 15 милиони Американци (6% од возрасната популација) користеле разни лекови од овој тип (семаглутид, лираглутид, тирзепатид и др.), кои, поедноставено кажано, дејствуваат така што го имитираат хормонот на ситост GLP-1.
Но, стапката на задржување на терапиите со овие лекови се покажала како релативно ниска, а анкетите покажуваат дека мнозинството луѓе сè уште повеќе сакаат да ослабат без лекови, меѓу другото и поради високата цена, несаканите ефекти и потребата за долготрајна употреба.
Агонистите на GLP-1 рецепторите (агонистот стимулира, додека антагонистот блокира) делуваат така што ја зголемуваат концентрацијата на GLP-1 (глукагон-сличен пептид-1), испраќаат сигнал за ситост до мозокот, го намалуваат апетитот, го поттикнуваат лачењето на инсулин, го забавуваат празнењето на желудникот и го намалуваат шеќерот во крвта. Исто така, го инхибираат ензимот DPP-4, кој брзо го разградува GLP-1, и на тој начин го продолжуваат неговото дејство од неколку минути на цела недела.
Иако агонистите на GLP-1 ја зголемуваат концентрацијата на овој хормон за над 1000 пати (благодарение на фармаколошки стабилна верзија, а не природно зголемено лачење), одредени намирници, времето на внес на оброци и начинот на исхрана исто така можат природно да го поттикнат неговото зголемување — и тоа без несакани ефекти.
Еден од природните начини за зголемување на GLP-1 е консумирање храна богата со влакна. Растителните влакна, особено оние од мешунки, овес, зеленчук, семки и јаткасти плодови, се раствораат во вода и формираат гел. Во дебелото црево се ферментираат и произведуваат кратколанчени масни киселини. Овие молекули ги стимулираат L-клетките да лачат повеќе GLP-1.
Маслиновото и авокадовото масло, како и јаткастите плодови како ф’стаци, содржат мононезаситени масти кои исто така го поттикнуваат лачењето на GLP-1. Во едно истражување, нивото на GLP-1 било повисоко по консумирање леб со маслиново масло отколку со путер. Истото важи и за комбинацијата на авокадо со појадок — авокадо со лепче резултира со повисоко ниво на GLP-1 отколку само лепче.