Трн: Како Црвениот крст се организираше веднаш по трагедијата? Колку волонтери беа вклучени во спасувачките и хуманитарните активности?
Сандра: Само на неколку часа по пожарот во Кочани, Црвениот крст на Република Северна Македонија, т.е Црвен крст на град Скопје, ОО на ЦК Кочани, Велес и Штип беа распоредени во тимови за помош и поддршка во болниците во Кочани, Штип и Скопје преку распоредени 120 професионалци и волонтери на Црвениот крст. Мобилизацијата на тимовите се одвиваше на најбрз можен начин бидејќи со првите информации, волонтерите на Црвениот крст сами изразија огромен интерес да помогнат на погодените семејства.
Трн: Каква е моменталната состојба со повредените?
Сандра: Како што соопштуваат медиумите, активирањето на Европскиот Механизам за цивилна заштита каде што членува и РСМ, допринесе, многу од повредените лица да бидат транспортирани во државите на ЕУ и соседството каде во специјализираните болници се даваат натчовечки напори да се спасат животите на тешко повредените лица. Оние кои што останаа во болниците во Скопје, од тоа што го добиваме како информација од родителите во кои сме во постојан контакт за да бидеме нивна психолошка поддршка, сите повредени дечиња и повозрасните лица заедно со докторите и медицинскиот персонал се борат машки за да истраат и да се вратат дома живи и здрави. На нашата веб страна, веќе се објавени информации за дечињата кои се лекуваат во Србија и Бугарија, но и за тоа како родителите и семејствата на тие деца може да добијат информации преку службите на ЦК Бугарија и ЦК на Србија.

Трн: Дали има потреба од дополнителна помош – крв, медицински материјали, психолошка поддршка?
Сандра: ЦКРСМ објави повик како сите заедно би ја покажале нашата хуманост и солидарност за обезбедување помош за настраданите семејства преку:
- Сметка на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.
- Донации со повик на телефонските броеви на Македонски телеком и А1 Македонија143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик).
- Онлајн донации на: https://solidarnost.ckrm.org.mk/online-donacija/
Донации во вид на крв, крвна плазма, медицински материјали или друг вид помош во дадениот момент не се потребни.
Трн: Што покажува оваа трагедија за системот на кризен менаџмент во државата?
Сандра: Тоа што нам ни е приоритетно во овие тешки моменти е да истраеме, и од оваа трагедија да излеземе посилни и посплотени. Нашата организација како легитимен член на Системот за управување со кризи, отсекогаш се стремела да го задржи приматот на координарост и комплементарност со институциите на системот во услови на кризи и катастрофи, и оттука и нашата целокупна поддршка на сите инволвирани страни да останеме присебни и да дадеме максимална взаемна поддршка во овие исклучително тешки моменти за севкупната македонска јавност.

Трн: Дали институциите соработуваат добро со Црвениот крст?
Сандра: Тука веќе не се поставува прашањето дали институциите добро соработуваат со Црвениот крст. Црвениот крст е рамноправен чинител во општественото живеење. Впрочем, организацијата веќе 80 години од основањето до денес е рамноправен и признаен партнер на националните власти и тоа што посебно ни значи е фактот што ние како организација имаме додадена вредност, а тоа е нашата поставеност во сите општини во РСМ, што нè прави единствени како хуманитарна организација. Взаемната поддршка со институциите се огледа и во координираниот одговор со пожарот во Кочани. Сите сплотено даваме максимум.
Трн: Како граѓаните можат најдобро да помогнат во овој момент?
Сандра: Граѓаните најдобро ќе помогнат ако свртат 143 400, со што ќе донираат по 100 мкд за погодените семејства. Досега се собрани 6 милиони и седумстотини илјади денари.
Трн: Што е најголемиот предизвик за Црвениот крст во вакви моменти и како планирате да се справите со него?
Сандра: Најголемиот предизвик е да останеме присебни во овие тешки моменти за нашата држава. Да останеме професионални, но и да бидеме емпатични кон оние кои ги загубија своите најмили во пожарот во Кочани. После одговорот на Црвениот Крст преку распоредени доктори, медицински лица т.е парамедици, психолози, волонтери на Црвениот крст од редот на младите, навистина не би знаела да кажам како ќе се чувствуваме кога сето ова ќе биде зад нас еден ден. Искрено, се надевам дека преку дебрифинзи од страна на нашите сертифицирани психолози во рамки на Центарот за ментално здравје на ЦКРСМ, ќе бидеме советувани како да се справиме со стресот кој е пропратен елемент во услови на кризи и катастрофи. Загубата на 59 животи, поддршката кон семејствата на повредените и сите оние тажни моменти и за нас професионалците е навистина еден од најтешките моменти со кои требаше да се носиме во нашите професионални кариери.
Трн: Каква поддршка добивате од меѓународните организации и Црвениот крст од соседните земји?
Сандра: Сите Национални друштва во регионот и пошироко, од првиот ден на несреќата испратија писма за поддршка, но и распоредија тимови по болниците каде се сместија повредените лица, со што навистина покажаа солидарност, како кон нашата држава, така и кон нашето Национално друштво. Тие се мостот помеѓу болниците, семејствата и оние кои понудија сместување во земјите од регионот.
Чувството за солидарност кое го негуваме меѓу 191 членки на Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина е нашата ѕвезда водилка. Ние сме Црвен крст. Создадени сме за меѓусебно помагање и поддршка. Така и сега. Поддршката доаѓа од сите страни. Тука се граѓаните, граѓанските здруженија, корпоративниот сектор, бизнис заедницата. Несреќата во Кочани не остави никого рамнодушен.