Но наместо пасивно да го прифатат овој тренд, тие активно бараат начини да си го вратат фокусот и когнитивната свежина.
Берлинската тиктокерка Тицијана Бучек е една од највидливите гласови во ова движење. Нејзините видеа, со милиони прегледи, нудат совети за „враќање на мозокот во баланс“, како што се кратка прошетка, пишување или средување на просторот, активности што создаваат одложено, но подлабоко чувство на награда и задоволство. Таа, како и многу други онлајн креатори од оваа генерација, ја охрабрува публиката да се одвои од „евтиниот допамин“ што го создава постојаното скролање.
Иако генерацијата Z е длабоко обликувана од технологијата, од тинејџери кои денес растат со TikTok, до млади возрасни кои порано ги користеа Tumblr и Vine, многумина велат дека постојаната изложеност на содржина оставила последици. Просечно, младите Американци од овој демографски опсег поминуваат повеќе од шест часа дневно на социјалните мрежи. Научниците предупредуваат дека таквото оптоварување со информации ја преоптоварува биологијата на мозокот, создавајќи состојба во која мозокот се привикнува на постојани стимуланси и брзи награди.
Според невронаучникот Ерл Милер од MIT, проблемот не е буквално „гниење“, туку постојано изложување на средина што мозокот не е еволутивно подготвен да ја обработува. „Ние сме суштества што функционираат фокусирано, но кога информациите нè бомбардираат од сите страни, се јавува желба да консумираме сè и токму тоа е тешко да се изгаси“, објаснува тој.
Истражувањата покажуваат дека генерацијата Зed е најподложна на ова поради животот поминат со паметни телефони. Студија од 2025 година открива дека прекумерната употреба на вештачка интелигенција и кратки видеа може да доведе до намалена концентрација, потешкотии со памтење и побавно когнитивно функционирање. Преглед на 71 научна студија од Американската психолошка асоцијација, исто така, констатира дека прекумерната консумација на кратка видеосодржина е директно поврзана со ослабени когнитивни способности.
Проблемот е уште подраматичен бидејќи мозокот на младите сè уште се развива. Психијатарката Аманда Елтон од Универзитетот на Флорида вели дека терминот „забрзано стареење на мозокот“ подобро го опишува она што се случува кога когнитивниот пад се јавува во години кога мозокот сè уште созрева.
Сепак, клучно е да се истакне дека младите не се пасивни во борбата против оваа појава. Генерацијата Z активно експериментира со нови навики, од аналогни хобија како читање книги и фотографија на филм, до воведување „технолошки полициски час“ без телефони навечер, ограничување на скролањето преку апликации, или заменување на брзиот дигитален допамин со активности што го зајакнуваат фокусот и менталната издржливост.
За оваа генерација, борбата против „brain rot“ не значи целосно исклучување од дигиталниот свет, туку создавање нов однос со технологијата, оној што ќе им помогне да го зачуваат фокусот, мотивацијата и когнитивното здравје во ера на информации без крај.
Извор: National Geographic
