На пример, летен фустан што на Temu се продава за 18,47 долари, со додавање на 26,21 долари увозни давачки, ќе чини вкупно 44,68 долари – што претставува зголемување од 142%, според анализа на CNBC. Детски костим за капење со цена од 12,44 долари ќе ги чини купувачите 31,12 долари со додадени 18,68 долари давачки – дури 150% повеќе. Рачен правосмукалец со цена од 16,93 долари сега чини 40,11 долари, откако ќе се додадат 21,68 долари давачки – што претставува зголемување од околу 137%.
„Артиклите што се увезуваат во САД можат да бидат предмет на увозни давачки. Овие давачки ги покриваат сите трошоци поврзани со царинските постапки, вклучувајќи ги увозните такси што ги плаќаме на царинските органи во ваше име“, стои на веб-страницата на Temu. „Износот прикажан на страницата не мора да го претставува реалниот износ платен на царинските органи.“
И Shein ги зголеми цените
Конкурентниот продавач со попусти, Shein, исто така ги зголеми цените на својата веб-страница, но изгледа дека не применува увозни давачки. Компанијата додаде порака при наплата: „Тарифите се вклучени во цената што ја плаќате. Никогаш нема да треба да доплаќате при испорака.“
Овие промени доаѓаат откако Temu и Shein на почетокот на месецот предупредија дека ќе ги зголемат цените поради новите тарифи од 145% за многу кинески производи, воведени од администрацијата на Трамп.
„Поради неодамнешните промени во глобалните трговски правила и тарифи, нашите оперативни трошоци пораснаа“, наведува Temu на својата веб-страница на почетокот на април. „За да можеме да ви продолжиме да ви нудиме производи што ги сакате без компромис во квалитетот, ќе започнеме со прилагодување на цените од 25 април 2025.“
Увозните давачки ја нарушуваат основната предност на Temu – ниските цени
Temu, кој е во сопственост на кинескиот гигант PDD Holdings, стана исклучително популарен во САД по неговото лансирање во 2022 година, благодарение на масовна онлајн кампања со слоганот „Купувај како милијардер“. Иако испораката често траеше подолго, потрошувачите беа привлечени од ниските цени на облеката, електрониката и производите за домаќинство, што го направи чекањето вредно.
Temu им овозможуваше на потрошувачи со ограничен буџет – кои се борат со трошоците за храна и домување – да си дозволат нешто убаво, како нова облека или декорација, без да потрошат многу. Сега, цените на многу производи ќе бидат слични со оние на американските конкуренти како Amazon, Walmart и Target – но испораката и понатаму ќе трае повеќе од една недела.
Temu значително ги намали инвестициите во онлајн рекламирање во САД откако Трамп ги најави новите тарифи. Апликацијата Temu падна на 73-то место на листата на најпопуларни апликации на Apple, иако претходно беше меѓу топ 10, според податоци од Sensor Tower. Shein моментално е на 54-то место, додека минатиот месец беше на 15-то.
„Беше убаво додека траеше“
Купувачите на Temu ја преплавија платформата Reddit со поплаки за новите увозни давачки. Во една објава со наслов „R.I.P. Temu, беше убаво додека траеше“, корисник напиша дека цените „отидеа во небо“ во петокот.
„Од купување како милијардер до купување како сиромав – сè во еден ден“, напиша друг корисник во саботата.
Мекинзи Морис, корисничка на Temu од југоисточен Мисури, изјави дека нарачала сет саксии за сукуленти за 12,25 долари пред да почнат цените да растат. До петокот, истите саксии веќе чинеа 30 долари, вели таа. Морис редовно купувала опрема за јога, облека и разни други производи од сајтот „неколку пати месечно“, но сега очекува да купува на друго место бидејќи артиклите станале прескапи.
„Нема логика да плаќам 140% повеќе кога истиот производ можам да го најдам на Amazon по иста цена, и тоа побрзо ќе ми стигне“, вели Морис.