Како функционира нуклеарната енергија и зошто Велика Британија вложува толку многу во неа?

Во еден од најамбициозните потези во поновата историја, британската влада најави нова нуклеарна програма, најголемата за една генерација.

Дел од таа стратегија е изградбата на новата нуклеарна централа Сајзвел Ц во Сафолк, за која ќе се издвојат дури 14,2 милијарди фунти во следните четири години. Истовремено, се отвора патот за првите мали модуларни реактори (SMR), кои ќе ги гради британскиот индустриски гигант Ролс Ројс.

Но, зошто токму сега и зошто толку голем фокус на нуклеарната енергија?

Што всушност е нуклеарна енергија?

Во срцето на нуклеарната технологија се крие процесот на нуклеарна фисија. Тоа значи дека атомите на ураниум – со помош на неутрони – се раздвојуваат, ослободувајќи огромни количини на енергија во форма на топлина. Таа топлина потоа се користи за создавање пареа, која ги придвижува турбините и така се создава електрична енергија.

Тоа не е ништо ново, но клучниот момент е во тоа што за разлика од фосилните горива, нуклеарните централи не испуштаат штетни стакленички гасови додека работат. Иако нивната изградба носи одредени емисии – главно поради производството на челик и друг градежен материјал – севкупниот еколошки отпечаток е далеку помал од оној на термоелектраните.

Зошто сега?

Во ноември 2024 година, Велика Британија – заедно со 30 други земји – се обврза да го тројно зголеми својот нуклеарен капацитет до 2050 година. Тоа е дел од глобалната борба против климатските промени и стремежот кон чиста енергија. Владата гледа на нуклеарната енергија како на стабилен, сигурен извор – „основна енергија“ што може да ја надополни непредвидливата природа на ветерните и соларните извори.

Сепак, ова не е решение што ќе дава резултати преку ноќ. Сајзвел Ц, како и првите SMR, најверојатно нема да почнат со работа пред 2030-тите – по целта што Владата ја постави за речиси целосно чиста енергија до крајот на оваа деценија.

Старата нуклеарна флота и потребата од обнова

Денес, Велика Британија располага со девет нуклеарни реактори, но осум од нив треба да се затворат до крајот на деценијата. Постои реална опасност од намалување на капацитетот. Во 2024 година, нуклеарната енергија обезбедуваше нешто над 14% од вкупното производство на електрична енергија. Доколку не се преземе нешто, оваа бројка може само да опадне.

Сајзвел Ц – проект што ќе го обликува иднината

Сајзвел Ц е повеќе од обична електрана. Се очекува да создаде 10.000 работни места во градежништвото, заварувањето, угостителството и другите сектори. По пуштањето во употреба, ќе може да обезбедува електрична енергија за шест милиони домови, со животен век од 60 години.

Проектот го води француската компанија EDF, која веќе ја гради и нуклеарната централа Хинкли Поинт Ц во Сомерсет. Иако трошоците се огромни – очекувано околу 20 милијарди фунти – владата вели дека нема да дозволи проектот да стане „бланко чек“, иако само за првите четири години ќе бидат потрошени над 14 милијарди.

Малите модуларни реактори – нуклеарна револуција?

Малите модуларни реактори се нов чекор во нуклеарната технологија. Работат на ист принцип како и големите, но се помали по размер и може да се произведуваат во фабрики, па потоа да се транспортираат и склопуваат на локацијата. Тоа ги прави потенцијално поевтини и побрзи за изградба – барем кога ќе се почне со масовно производство.

Ролс Ројс доби зелено светло по двегодишен натпревар и ќе го гради првиот SMR, со поддршка од владата која планира да инвестира повеќе од 2,5 милијарди фунти во оваа технологија. Се очекува првиот објект да биде одреден до крајот на 2025 година и да биде вклучен во мрежата до средината на 2030-тите.

Сепак, SMR не се без предизвици. Засега не е јасно колку точно ќе чини справувањето со нуклеарниот отпад од овие мали реактори. Главниот објект за складирање на отпад – Селафилд во Камбрија – веќе работи со ограничен капацитет, а трошоците за негово одржување постојано растат.

Дали е сето ова безбедно?

Според Меѓународната агенција за атомска енергија, нуклеарните централи се меѓу најстрого регулираните и најбезбедни објекти во светот. Но, јавноста сè уште памети големи инциденти – како катастрофата во Чернобил (1986) и Фукушима (2011) – кои оставаат длабок отпечаток.

И кога сè оди според планот, радиоактивниот отпад што се создава останува опасен со векови и бара сигурно и долготрајно складирање.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни