Како функционира холестеролот и како да го намалите природно

Нутриционистите објаснуваат зошто не се сите масти лоши, зошто јајцата не го зголемуваат холестеролот и кои едноставни навики можат природно да го регулираат нивото на HDL и LDL.

Холестеролот е една од најчестите теми кога се зборува за здравјето на срцето и крвните садови. Сепак, сè уште постојат многу митови и погрешни уверувања за тоа што го зголемува, што го намалува и како може да се држи под контрола.

Додека некои веруваат дека само одредена храна создава холестерол, други мислат дека целиот холестерол е „лош“ и треба целосно да се избегнува.

Нутриционистката Марија Милановиќ ги разоткрива заблудите и објаснува како всушност функционира холестеролот во нашиот организам.

Таа зборува за тоа кои се најчестите грешки во исхраната, која храна и пијалаци воопшто не ги препорачува, но и кои мали промени во секојдневните навики можат да дадат неверојатни резултати за нашето здравје.

Висок холестерол е сигнал за лоша исхрана

„Кога ќе направиме анализа на крв и ќе видиме дека вкупниот холестерол е висок, добриот (HDL) е низок, а лошиот (LDL) е покачен – тоа е знак за дисбаланс и јасна порака дека нашата исхрана не е добра. Решението е во промена на целиот животен стил. На холестеролот не влијае само храната, туку и стресот, недостатокот на сон и лошите навики. Брза храна, грицки и индустриски производи полни со адитиви и трансмасти се главните виновници – дури и кога изгледаат како „здрави“ избори“, вели Милановиќ.

Заблуда е дека јајцата го зголемуваат холестеролот

Таа истакнува дека еден од најголемите митови се однесува на јајцата, кои многумина неоправдано ги избегнуваат.

„Честа е заблудата дека јајцата го зголемуваат холестеролот. Проблемот всушност го создаваат заситените масти. Ако ги намалиме, а во исхраната внесеме повеќе здрави масти од јаткасти плодови, маслиново масло, семки и мешунки, како и повеќе салати и варени јадења – холестеролот природно ќе се намали“, објаснува таа.

Млечните производи – внимателно

„Не треба да се претерува со полномасни млечни производи како што се фета сирење, кашкавал, павлака, крем сирење. Тие содржат скриени трансмасти кои влијаат на покачување на холестеролот. Наместо тоа, би препорачала млади сирења, грчки јогурт, кефир и кисело млеко – тие дури и го намалуваат нивото на холестерол“, додава таа.

„Течни калории“ – скриена закана

„Луѓето често внесуваат т.н. течни калории, а да не се ни свесни за тоа. Треба да се избегнуваат сите засладени кафинја со сирупи, бидејќи покрај шеќер содржат и трансмасти“, предупредува Милановиќ.

Што со слатки и алкохол?

„Сите видови чоколади – освен темна со што повисок процент на какао – треба да се избегнуваат. Газирани пијалаци и, секако, алкохол се штетни. Можеби најлошо, што многумина ќе ги разочара, е пивото – тоа е тивок убиец и директно влијае на покачување на лошиот холестерол. Најдобра опција, според мене, е виното, особено белото. А коктелите се преполни со шеќери – што ја оптоварува црниот дроб и води до таложење на масти“, објаснува таа.

Животниот стил е клучен

Покрај правилната исхрана, нутриционистката нагласува дека животниот стил е клучен. Препорачува: легнување најдоцна до 23 часот. Избегнување на екрани пред спиење.Спиење во затемнета просторија. Дневна физичка активност (барем прошетка). Домашно подготвена храна, редовни оброци и барем една порција салата дневно

„Во зависност од сериозноста на ситуацијата – ако некој веќе има многу мрсен црн дроб – терапијата е неизбежна. Но, во повеќето случаи, со промена на навиките за 2–3 месеци, резултатите се преполовуваат. Тоа покажува дека промената на животниот стил е број еден во решавањето на овој проблем“, вели Милановиќ.

Чај, риба и додатоци

На крај, таа препорачува и дополнителна поддршка преку чаеви и суплементи:

„Добри се чаеви од ѓумбир, артичока, свила од пченка… Би вклучила што повеќе риба во исхраната, особено морска – лосос, харинга, скуша – тие се богати со омега-3 масни киселини. И да, суплементацијата со омега-3 е одлична за намалување на холестеролот“, заклучува таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни