Како Финска стана независна од руска нафта

Финска успеа драстично да го намали увозот на енергенси од Русија – речиси до нула. Во тоа ѝ помогнаа нуклеарните електрани, но и обновливите извори на енергија, пишува Deutsche Welle.

Црвените објекти на трите нуклеарни реактори во Олкилуото се вклопуваат во есенскиот пејзаж на западниот брег на Финска како да стоеле таму отсекогаш.

Нуклеарната енергија ја намали зависноста од Русија

Најновиот реактор, Олкилуото 3, беше пуштен во употреба во 2023 година. Со тоа, Финска можеше да си дозволи речиси целосно да се ослободи од руски енергенси. До почетокот на 2022 година, половина од увезената енергија во земјата доаѓаше од Русија. Но, по почетокот на руската инвазија врз Украина, промени во енергетската политика станаа неизбежни.

„До февруари 2022 година верувавме дека времињата на територијални освојувања се зад нас и дека може мирно да тргуваме. Но видовме дека тоа не е така и дека мора да го заштитиме нашиот суверенитет – и во енергетиката“, вели финската министерка за клима и животна средина Сари Мултала.

Русија ги прекина испораките на електрична енергија – најверојатно затоа што Хелсинки одби да плаќа во рубљи. Финската влада одговори со одлука „најбрзо што е можно“ да се ослободи од зависноста од руската енергија. Земјата дотогаш увезуваше нафта, гас и струја од источниот сосед, со кој има граница долга повеќе од 1.300 километри.

Многу поскап и предолг проект – но сепак успешен

Нафтата, која во 2019 година покриваше 19% од финската енергетска потрошувачка, денес доаѓа од Норвешка, Велика Британија и САД. Природниот гас е заменет со LNG, а државната компанија Gasgrid Finland пушти во употреба пловечки LNG-терминал во пристаништето Инга.

Олкилуото 3, реактор со моќност од 1600 мегавати, денес е еден од најголемите во светот. Неговата изградба чинеше 11 милијарди евра – трипати повеќе од планираното – и траеше 18 години наместо предвидените четири. Поради ова, операторот TVO се откажа од идејата за четврти реактор. Но според компанијата, инвестицијата се исплатила: цените на струјата паднале, а биле создадени околу 5.000 директни и индиректни работни места.

Сепак, Финска останува зависна од Русија во едно: компанијата Fortum сè уште увезува ураниум за своите два реактори.

Решение за нуклеарниот отпад?

Финска се подготвува да го отвори првото длабинско одлагалиште за нуклеарен отпад во светот – Онкало („пештера“). Лоцирано е на околу 450 метри под земјата, веднаш до Олкилуото. Таму ќе се складира отпадот од сите пет фински реактори – засекогаш.

Проектот вреди меѓу 500 милиони и 1 милијарда евра, со ископани тунели долги 60 километри. Таму ќе се спуштаат специјални капсули тешки по една тона. „Ова е модел што може да се примени на многу места“, велат од компанијата Посива.

Владата исто така најавува дека ќе инвестира во нуклеарна енергија и дека ги ревидира прописите за забрзување на дозволите. Притоа ќе се разгледува и распределбата на финансиските ризици и можните субвенции.

Според анкета од мај 2025 година, 68% од Финците имаат позитивно мислење за нуклеарната енергија.

Ветрот како втора енергетска независност

Но нуклеарната енергија е само дел од финската независност. Обновливите извори, особено ветерната енергија, значително придонеле за намалување на увозот од Русија. Во 2024 година, копнените ветерници произведувале 24% од електричната енергија во земјата, во споредба со 14% во 2022 година.

Според професорот Вели-Пека Тинкјунен од Универзитетот во Хелсинки, клучот е во вистинската комбинација: „Имаме нуклеарна, хидроенергија, биомаса и ветерници. Тоа е нашата отпорност.“

Експертите предупредуваат дека иднината сепак е во обновливите извори, бидејќи градењето нови нуклеарки е прескапо и ризично.

Анни Миконен од асоцијацијата Renewables Finland вели дека ветерните капацитети може да се удвојат за десет години – и дека Финска би можела да извезува енергија во други европски земји, овозможувајќи и тие да се одвојат од руските енергенси.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни