Давор Панчевски: Како дете доручекот во недела ми беше на планина или покрај река

Давор Панчевски, познат на Facebook и Instagram под името Dave’s Kitchen е млад човек кој има дипломирано маркетинг на Економскиот факултет во Скопје, но негова пасијата е готвењето, во која се пронашол уште како многу мал. За себе вели дека готвењето домашна храна уште од најмали нозе го инспирира, па затоа на социјалните мрежи се труди да понудам нови, креативни и интересни рецепти кои ќе се вклопат во брзиот начин на живот.

Недела наутро:
Иако звучи клише, ама не само во недела секој ден се трудам да ми биде посебен. Утрото го започнувам најчесто на балкон со шолја ладно или топло кафе, зависи од расположението, свежо овошје или некогаш гурмански појадок – омлет, тортилја со кашкавал и шунка, а често знам да појадувам и овесна каша со многу овошје.

Неделен ручек:
Омилен ручек ми се македонските традиционални јадења како што се полнетите пиперки, тавче гравче, макала, салати… Најчесто ги подготвувам јас, но често знам да пројавам желба токму овие јадења да ми ги зготви мајка ми кога одам кај родителите.

Недела попладне:
Често знам да истражувам нови рецепти, да ја испланирам следната недела кои рецепти ќе се фотографираат, кои ќе се снимаат во видео формат, да го направам списокот за пазарење, да ги напишам објавите за неколку дена, а често знам и да споделам одличен рецепт кои може да се подготви за во недела да ужива целото семејство.

Неделно опуштање:
Најчесто јадењата што ги подготвувам ги споделувам со најблиските, па опуштањето во недела ми е најчесто со соседите, пријателите или пак роднините.

Недела навечер:
Иако во годината имам два-три периоди кога ме обзема желбата да прочитам добра книга. Минатава недела порачав онлајн неколку книги, па наредните неколку недели ќе ми бидат резервирани токму за тоа, читање книга.

Недела во детството:
Појадокот во недела во моето детство секогаш бил некаде надвор, на планина покрај река. Често целото семејство знаевме да избегаме од секојдневните обврски и случувања и да уживаме во природата. Неделите биле резервирани и за ручек кај баба и дедо каде што ги имам вкусено најубавите пити кои биле подготвени од моите баби.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Бидејќи работам од дома, деновите не ми значат дали се понеделник, среда или сабота. Често знам и во недела да зготвам некој рецепт ако се чувствувам расположен за тоа и веднаш да го споделам на социјалните мрежи. Работата од дома бара голема дисциплина и одговорност, па ако се организирате добро во секој ден може да најдете простор за работа, уживање и релаксација.

Најново

Последни колумни