Како делови од Месечината ќе станат гробишта за вселенски летала

Одредени делови на Месечината во иднина ќе бидат наменети како „гробишта за вселенски летала“, каде што нефункционалните лунарни сателити и друга опрема контролирано ќе се уриваат на површината, далеку од места со културно и научно значење, предупредуваат научниците.

Во наредните две децении се очекува значително зголемување на бројот на сателити што ќе орбитираат околу Месечината, бидејќи вселенските агенции и приватните компании планираат изградба на бази, рударски активности и поставување научни инструменти. Овој раст ќе биде поддржан од системи за позиционирање, навигација и комуникација, но по истекот на нивниот работен век, операторите ќе се соочат со сериозен проблем, како безбедно да ги отстранат старите сателити.

„Овие сателити ќе мора да се срушат на Месечината, па затоа потенцијално ќе станат извор на отпад“, изјави д-р Фиона Томсон од Универзитетот во Дарем, која ја покрена темата на експертски панел на конференцијата Space-Comm во Глазгов.

Истражувачите предупредуваат дека неконтролирани падови би можеле да ги оштетат идните објекти, научните инструменти и историските локалитети, како првите отпечатоци од стапките на астронаутите. Со брзини на удар од околу 1,9 километри во секунда, судирите би предизвикале силни вибрации и облаци од абразивна прашина што може да ги загрози телескопите и чувствителната опрема.

„Колку повеќе лунарни сателити има, толку е поголема веројатноста некој од нив да се сруши на научно или културно чувствителна локација“, вели проф. Ијан Крафорд од Универзитетот во Лондон, нагласувајќи дека е неопходен јасен план за иднината.

Стотици планирани мисии

Во следните 20 години се планирани повеќе од 400 мисии кон Месечината. Тука спаѓаат орбиталната станица Lunar Gateway, предводена од НАСА, како и базниот камп на програмата Artemis Base Camp. Кина и Русија, исто така, планираат сопствена база.

Следната година Европска вселенска агенција ќе го лансира сателитот Lunar Pathfinder, тест платформа за идната констелација „Moonlight“, која треба да биде оперативна до 2030 година. Веќе се разгледуваат решенија за неговото отстранување по завршување на осумгодишниот работен век.

Три можни решенија

Операторите имаат три главни опции: сателитите да се испратат во орбита околу Сонцето (скапа опција), да се префрлат во подалечна лунарна орбита (тешко поради нерамномерното гравитациско поле на Месечината) или контролирано да се срушат на површината, решение што бара внимателно планирање.

Во таа насока, меѓународните тела, меѓу кои и тимовите при Обединети нации, работат на воспоставување најдобри практики. Концептот на „гробишта за вселенски летала“ се наметнува како најреално решение, сателитите би се уриваале во однапред одредени зони или големи кратери што би ја задржале прашината.

„Воспоставувањето гробишни зони на Месечината е најпрактичното решение“, изјави Ben Hooper од британската компанија SSTL. Според него, ваквиот пристап ќе спречи неконтролирано ширење на човечки артефакти и ќе ги заштити другите региони за научни истражувања.

Иако на прв поглед звучи загрижувачки, научниците посочуваат дека дури и овие удари може да имаат корист: познатата маса и брзина на сателитите што ќе удираат во строго дефинирани зони може да помогне во проучување на внатрешната структура на Месечината преку сеизмички мерења.

Со тоа, идните „гробишта“ на Месечината би можеле да станат не само решение за вселенскиот отпад, туку и нов извор на научни сознанија.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни