Како Данска ќе постигне нето нула емисии до 2050 година?

Данска се позиционираше како еден од лидерите во областа на чиста енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови, насочувајќи го својот енергетски систем кон нето нула емисии до 2050 година. Земјата постигна значителен напредок во користењето на обновливите извори на енергија, особено во секторите на ветерот и биоенергијата. Во 2022 година, Данска постигна импресивен удел на електрична енергија од ветер, со 54 отсто, додека речиси 40 отсто од потрошувачката на гас доаѓа од биометан.

Исто така, многу е значајно што повеќе од две третини од обновливата енергија на Данска доаѓа од биоенергија, што е енергија складирана во органски материјал или биомаса, посочува данското Министерство за надворешни работи.

Со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови за 70 проценти до 2030 година, Данска интензивно работи на подобрување на енергетската ефикасност, особено во транспортниот и градежниот сектор. Владата има за цел да ја заврши реформата на зелените даноци, да развие стратегија за декарбонизација на транспортот и подобрување на енергетската ефикасност преку дигитализација и развој на паметни градови и згради, сметаат од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Соочена со предизвиците на климатските промени, данската влада предложи поамбициозни цели, каде што планира да постигне намалување на емисиите за 110 проценти до 2050 година. Земјата има амбициозни планови во примената на обновливите извори на енергија, особено во топлификацискиот сектор, со цел до 2030 година целосно да ги замени фосилните горива со биометан. Плановите, исто така, вклучуваат значително зголемување на искористеноста на морскиот ветер и соларниот капацитет на брегот. Вкупно, Данска имаше над 3.000 мегавати капацитет приклучен на мрежата на крајот на јуни 2023 година.

Како пример за посветеност на обновливите извори на енергија, во 2021 година, Данска ја отвори најголемата фарма на ветер во Скандинавија, „Кригерс Флак“ на Балтичкото Море. Ветерниот парк ја покрива годишната потрошувачка на енергија на околу 600.000 домаќинства и се очекува да го зголеми годишното производство на електрична енергија во Данска од ветерни турбини за приближно 16 проценти.

Производството на електрична енергија во Данска се намали за над 30 отсто помеѓу 2006 и 2020 година, поради постепеното исфрлање на јагленот и фокусирањето на енергетската ефикасност. Домашното производство е делумно заменето со зголемен увоз на електрична енергија, главно од Норвешка и Шведска, соопшти ВНА.

Сегашната цел е обновливите извори на енергија да задоволат 100 отсто од електричната енергија и 55 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во земјата до 2030 година.

Извор: energetskiportal.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни